Националните телевизии се кренаа против кабелските оператори


Петте домашни телевизии со национална концесија, здружени во Македонската медиумска асоцијација, денес се спротивставија на најавата на кабелските оператори организирани во Здружението на информатичко-комуникациски технологии, дека ќе го исклучат реемитувањето на сите телевизиски канали, освен на јавниот радиодифузен сервис. Претставниците на Телма, Канал 5, Сител, Алфа и Алсат, ја нарекоа ваквата најава апсурдна, бидејќи тие гарантираат дека програмите што ги емитираат се со регулирани авторски и сродни права.

За претседателот на ММА, Атанас Кировски, станува збор за незаконски чин, односно хир на кабелските оператори. Кировски, кој е и директор на Телма, рече дека петте национални телевизии гарантираат за целата содржина што ја емитуваат и дека располагаат со валидни договори за авторски права.

„Тврдењата дека законот е донесен набрзина и на нетранспарентен начин се класични лажни вести. Законот е донесен во 2018 година, по повеќе јавни расправи и дискусии. Кабелските оператори имаа цела една година да се подготват за примена на ова законско решение“, рече Кировски.

Вчера, Здружението на информатичко-комуникациски технологии соопшти дека причината за одлуката за прекин на програмите на телевизиите се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Здружението поднесе барање до Уставниот суд за донесување на  времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност.

Од ММА, пак, имаат поинаква аргументација. Кировски го наведе примерот на Телма која ги купи ексклузивните права за Европското првенство во ракомет за Македонија, но еден од најинтересните натпревари, полуфиналето меѓу Хрватска и Норвешка, бил пренесуван и на германската РТЛ што била реемитувана преку кабелските оператори и во Македонија. Кировски обвини дека на ваков начин се реемитува програмата на најмалку десет канали, кои немаат регулирано авторски права за нашата земја и на тој начин создаваат нелојална конкуренција.

Од ММА, побараа и оставка од директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, Зоран Трајчевски. Според петте национални телевизии, Трајчевски се ставил на страната на операторите бидејќи не го санкционира реемитувањето на телевизиски содржини кои немаат регулирани авторски права за Македонија.

Инаку, претходно министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, рече дека законот не можел да стапи во сила поради неможноста да се избере нов состав на Агенцијата за медиуми, за што ја обвини блокадата од ВМРО-ДПМНЕ.

Најавата за исклучување на реемитувањето на телевизиите од кабелските оператори доаѓа во исклучително чувствителен момент – пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори, која по правило им носи на телевизиите значителни приходи од политичко рекламирање.

Кировски, на денешната прес конференција рече дека одлуката за прекинување на реемитирањето се случува во време кога Владата апелира бесплатно да се емитуваат информативни спотови за заштита од корона вирусот, кога се очекува одлуката за почеток на преговорите со ЕУ и кога треба да известуваат за изборните резултати, и на тој начин, како што кажа, населението ќе се став во информативен мрак.

За Здружението на ИКТ, ваквите оцени на ММА се неприфатливи. Кабелските оператори во реакцијата испратена до медиумите по прес конференцијата на ММА, велат дека сите програми што се дел од пакетите на операторите се согласно домашната и меѓународната регулатива за реемитување на програми.

„Сите инсинуации за учество на операторите во ‘пиратство’ ги отфрламе како неточни, паушални и тенденциозни. Сите договори за реемитување со странските радиодифузери содржат гаранции дека тие телевизии ги имаат регулирано авторските права за територијата на земјава“, се вели во реакцијата.

Здружението на ИКТ смета дека барањето на петте телевизии со закон да се наметне ограничување за странските канали да се реемитуваат во земјава значи директно кршење на Директивата за реемитување и Директивата за „телевизија без граници“ и претставува обид за вовед во цензура. Исто така дека крајната цел за брзото носење на Измените на ЗААВМУ било да се намали бројот на ТВ канали кои ќе се реемитуваат во земјава. Во однос на авторските права, пак, тие се веќе регулирани со Законот за авторски и сродни права и со Кривичниот законик, велат од Здружението на ИКТ.

Инаку, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), беа изгласани непосредно пред распуштањето на Собранието по скратена постапка. (Н.В.) (Фото: Б. Грдановски)