Националните телевизии ја „бојкотираат“ Владата


Фото: Б. Грданоски

 

Националните телевизии во Македонија веќе три дена имаат некаков бојкот на Владата. Според она што може да се види од информативните програми, тие не ги следат воопшто настаните каде што се појавуваат владините министри.

Причината за тоа е да се слеваат повеќе пари во телевизиите, односно да продолжи објавувањето на владини реклами на телевизиите со национални концесии, како во едно друго време, бидејќи вака тешко остваруваат профити и е напрегнато нивното функционирање. 

Станува збор за националните телевизии кои остваруваати најголеми приходи од медиумите – Телма, Алсат, Канал 5, Сител и Алфа. Ваков бојкот тие спроведуваа и порано, а сега има сигнали дека власта може да им излезе во пресрет на некој начин, па го засилуваат притисокот.

На државното рекламирање подолго време остро се противат сите новинарски здруженија и странските амбасади, бидејќи практиката од времето на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека тоа е можност за корумпирање на медиумите. Новинарските здруженија веќе расправаа за новата ситуација.

Целта на овој притисок е да се смени фамозниот Член 102 од постоечкиот закон за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во кој, по притисокот од ЗНМ и другите новински здруженија, се забрани користењето пари на граѓаните за рекламирање на активностите на властите, во обем и начин што влијаеше на уредувачката политика на медиумите. Во последниве две-три години имаше државни реклами, но тие беа поврзани само со големи општествени потреби, како што е вакцинацијата против Ковид-19, учество на пописот.

Неофицијално се дознава дека за националните телевизии сериозен финансиски проблем е и плаќањето на работењето во недела на новинарите поради новиот закон што беше усвоен пред неколку месеци.