КЗБ: Почнува вакцинација со четврта доза против Ковид-19


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ги разгледа заклучоците од Националната комисија за имунизација, во врска со почеток на вакцинација со четврта доза на вакцина против Ковид-19. Четврта доза може да примат лицата над 18 – годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против Ковид-19. Граѓаните од денеска можат да се обратат во вакциналните пунктови, за што не е потребно закажување, соопшти Министерството за здравство.

Вакцинацијата со четврта доза, како што посочуваат од Министерството, е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.

Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот Ковид-19. Државата располага со доволни количини вакцини, кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат во вакциналните пунктови со вакцина против Ковид-19, со цел да стекнат дополнителен имунитет, информираат од Министерството за здравство.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, досега се вакцинирани вкупно 874.877 лица со барем една доза вакцина против ковид, додека комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 855.879 лица, а со трета доза се вакцинирани 159.839 лица.

Што се однесува до бројот на активни лица во земјава, тој се доближува кон илјада, односно 935 случаи, иако само пред десетина дена беше околу 400 заразени од вирусот. Но, и покрај тоа, КЗБ не препорачува нови мерки, само потсетува да се носат маски во јавниот сообраќај, амбулантите, болниците, аптеките и во старечките домови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 314.501, бројот на оздравени пациенти е 304.239, на починати е 9.327.