На вонредна седница усвоен ДУП за просторот кај СЦ „Борис Трајковски“


Советот на Општина Карпош утрово на вонредна седница го усвои Деталниот урбанистички план Градска четврт 3 04, блок З 04.05, односно за просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, ден пред судското рочиште на кое требаше да се соопшти пресудата, со која Општина Карпош ќе требаше да плати милионски сума евра на тужителот „Пуцко Петрол“.

За донесување на планот гласаа советниците од СДСМ, кои претходно бараа да се свика вонредна седница и итно да се донесе овој ДУП, како и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ.

Општината беше тужена поради тоа што Уставниот суд го поништи претходниот план, со кои на тужителот му била нанесена штета. Деталниот урбанистички план што е денеска усвоен, беше презентиран пред граѓаните минатото лето и во него, исто како и во претходниот, е вцртан простор за изградба на бензиска пумпа покрај булеварот „8 Септември“.