На Величетврток родители на загинатите во Пулс одат пред Судска медицина во потрага по одговори
Дел од родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ утрово, на Велики Четврток, се упатија кон Судска медицина, во обид да добијат одговори за обдукциските наоди, откако поминаа пет дена без институционален одговор на нивните барања.
Овој чекор следува по низа обвинувања дека институциите повеќе од една година не обезбедуваат јасни информации за причините за смртта на жртвите. Александар Наунов, татко на загинатата Надица, јавно посочи дека и покрај бројните барања и официјални дописи, семејствата сè уште немаат клучни одговори.
„Побаравме јасен и недвосмислен одговор – дали биле извршени токсиколошки анализи, дали било испитувано присуство на цијаниди и што точно покажуваат анализите. Поминаа два месеци од барањето – одговор нема“, вели Александар Наунов.
Тој тврди дека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, додека семејствата остануваат без информации од суштинско значење.
„ПМФ нè упатува кон ОЈО Кочани. ОЈО молчи. Судска медицина молчи“, наведува Александар Наунов.
Тој отвора и низа прашања за самата постапка – дали биле земени биолошки примероци, што точно е анализирано и дали воопшто постојат токсиколошки резултати.
„Зошто се правеше обдукција ако не е завршена работата целосно? Кого штитите? Државата? Институциите?“, прашува Александар Наунов.
На саботниот марш, родителите посочија дека ако за три дена не добијат јасен, писмен, сеопфатен одговор, ќе одат пред Судска медицина.