На третиот повик за млади истражувачи на ФИТР избрани 38 проекти
Триесет и осум проекти на ученици од основни и од средни училишта се наградени и ќе добијат финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) кој денеска организираше завршен настан за презентација и прогласување на најуспешните проекти на третиот повик „Предизвик за млади истражувачи“.
Пристигнале 58 предлог-проекти базирани на научни методи. Од нив 28 се од основни и 30 од средни училишта од целата држава, а 38 проекти влегле во финална селекција и сите се избрани за финансиска поддршка.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски рече дека и годинава добиле многу интересни проекти и со 38-те наградени бројот достигнал до вкупно 100 досега (во изминатите три години), од училишта од сите градови во земјава и со учество на илјада ученици и нивни ментори.
– Бевме во дилема дали да го продолжиме повикот поради пандемијата зашто беше во тек, но и покрај тоа што настава немаше во училиштата, сепак учениците пријавија проекти и имавме доставено од 60-ина основни и средни училишта. Затоа повикот не го прекинавме зашто најмалку што можевме да направиме е да го испочитуваме нивниот труд и напор. Затоа, ова е настан на кој ние им се заблагодаруваме, и ние како институција, и Владата, зашто тие и во тешки услови направија нешто корисно, истакна Деспотовски.
На настанот на кој училишните тимови на наградените проекти ги презентираа преку видеолинк, онлајн се вклучи и ги поздрави премиерот Оливер Спасовски. Им порача дека треба да останат креативни зашто така ќе го помогнат и развојот на државата. Со овој проект, рече тој, го поттикнуваат креативното размислување кај децата за да ги мотивираат да истражуваат. Порача дека секој млад човек треба да се докажува во природни и технички науки и овие повици се за да ги мотивираат.
– Нема поголем влог во науката и поголем влог од државата да инвестира во младите. Секој треба да се стреми да овозможи младите да истражуваат, пред сè, во дефицитарните науки, а имаме голем потенцијал кај младите. Во ова време на пандемија, никако не смее да запре мотивираноста, истражувачкиот дух и желбата за нови знаења и во вакви времиња. На ваков начин се доаѓа и до здрави работни навики, но до израз доаѓаат и лидерските способности на секој млад човек. Ние возрасните и политичарите имаме обврска да ви ги отвориме патиштата на перспективата. Сите ваши успеси се огромна надеж и радост за сите нас, за Владата, затоа што ќе изградите силен потенцијал за развој на нашата држава, рече премиерот Спасовски.
Фондот трета година по ред го организира „Предизвик за млади истражувачи“ чија цел е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод. Директорот Деспотовски им порача на младите да ги следат повиците на ФИТР зашто ќе ги има и во иднина.
https://youtu.be/linxgUeNtHw