На средбата на Ковачевски со Таравари немало понуда за влез во владата

На средбата, според Таравари, се разговарало за европскиот пат на земјата и борбата против корупцијата


Фото: Б. Грданоски

 

Денешните разговори со премиерот Димитар Ковачевски в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, ги оцени како размена на мислења за европскиот пат на земјата, функционирањето на правната држава и борбата против корупцијата. Тој по разговорите изјави дека не добил понуда за влез во владата.

„Имавме втора средба со Ковачевски по лидерската средба на 7 ноември. Разговаравме за европскиот пат на земјата, за борбата против корупција и функционирањето на правната држава, како и за блокираните закони кои се дел од европската агенда. Алијанса ја поддржува и ќе ја поддржува ЕУ-агендата. Денеска не разговаравме за влез во владата и не сме добиле понуда. Ако почнеме преговори за тоа ќе одлучи партијата. Ако има преговори ќе имаме црвени линии, а тоа се пакет мерки кои ќе биде нашиот услов за влез во владата“, рече Таравари.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ има лош „вординг“, дека станувала понационалистичка партија од Левица.

„Ние имаме комуникација со сите партии. Имаме и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Вордингот на ВМРО-ДПМНЕ не ни се допаѓа, ги намалуваат капацитетите за соработка со албански партии. ВМРО-ДПМНЕ се натпреварува со Левица која е понационалистичка партија, што не е добро“, додаде Таравари.

Но тој не мисли дека владата на СДСМ и ДУИ работи добро. „Ќе продолжиме да критикуваме“, рече Таравари.

Пред средбата Таравари во интервју за „Фронтлајн“ рече дека ќе стане дел од власта доколку се исполнат три услови. Како најважно, Таравари истака дека бара гаранции дека нема да има предвремени парламентарни избори пред 2024 година. Втор услов е Алијанса да има автономност во одлучувањето во ресорните министерства што ќе ги добијат. Третиот е она за што ќе се договорат да се применува во пракса.