На Скопско лето вечер „Фрида од Македонија“ и камерен концерт „Вокално пијанистички рецитал“
Концерт на Аматерскиот женски хор „Фрида од Македонија“ насловен „Пеам – значи живеам“ ќе се одржи утре вечер со почеток во 20:30 часот во Музеј на град Скопје, во рамки на Скопско лето.
Настанот претставува целовечерен концерт на првата (најискусна) група на а.ж.х. Фрида од Македонија, составена од искусни, долгогодишни хористки на кои музиката им е повеќе од хоби и пасија. Нивната љубов кон пеењето е идентична со љубовта кон животот.
На нивниот репертоар се сместени обработки од најголемите хитови кои го одбележаа минатиот век, како и хорски обработки на многу актуелни македонски хитови. Диригентка е Сузана Турунџиева, а билетите се достапни на karti.com.mk.

В недека на Скопско лето ќе се одржи камерен концерт „Вокално пијанистички рецитал“ на Мирела Ди Вита – сопран и Сена Фини – пијано (Италија) во Салон 19’19 (Културно информативен центар – Скопје) со почеток во 20:30 часот.
Настанот претставува елегантно музичко патување низ европската лирска традиција, во кое гласот и клавирот се спојуваат во суптилен и изразен дијалог. Програмата ги обединува романтичните минијатури на Шуман и поетиката на Григ со префинетата италијанска кантилена и шпанската експресивност. Преку дела од Белини, Верди, Гранадос, Тости и Пучини, концертот открива богата палета на чувства и стилски нијанси. Вечер исполнета со рафинирана интерпретација и безвременска лирска убавина.
Настанот е во соработка со Фестивалот Модоарс, а билетите се достапни на karti.com.mk.