На секоја седница на Советот на Град Скопје ќе се најдат 50-те автобуси


Фото: Б. Грданоски

Градоначалничката Данела Арсовска не се откажува од намерата да ги убеди советниците дека е  потребно да се обезбедат нови автобуси со пари од градскиот буџет.

Откако тие на една од претходните седници на Советот на Град Скопје не изгласаа ваква одлука, таа денеска изјави дека педесетте автобуси ќе бидат точка на дневен ред на Советот сѐ додека советници не ја изгласаат.

– Тоа ќе биде точка на дневен ред секоја седница на Советот, сѐ додека самите советници не ја изгласаат. Од причина што, за тоа, граѓаните гласале на овие избори. Граѓаните сметаат дека е потреба. Не само да се реформира јавниот превоз, туку и да добијат јавен превоз што ќе биде за нив достапен, пристапен, сигурен, безбеден, меѓутоа и еколошки. Постојат некои стандарди што е неопходно да ги исполниме а тоа е едно од нештата што беа ветени и мора да се реализира. Сите коишто декларативно кажуваат дека ги поддржуваат, програмата за модерно Скопје, овие еколошки автобуси, реформата на јавниот превоз, сметам дека тоа треба да го докажат и во пракса. А доколку не го направат тоа, одговорноста ќе биде исклучиво кај нив – рече Арсовска, при денешното отворање на биотехнолошката лабораторија во  СОУ „Марија Склодовска-Кири“.

На последната седница на Советот, која се одржа во вторникот, оваа точка не беше повторно предложена, а не беше ни дел од дневниот ред.