На Саемот „Науката и јас“ тимови на ученици демонстрираа експерименти од областа на природните науки


Македонија2025 и Џонсон Мети го организираа петтиот регионален Саем за наука на 17 октомври 2024 година, кој се одржа во поливалентниот простор на ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје.

Овој настан ја одбележува продолжената соработка помеѓу Македонија2025 и Џонсон Мети, како дел од програмата „Науката и Јас“ за влијание во заедницата, која ќе се имплементира во учебната 2024/2025 година. Покрај тоа, претставува и зајакнато партнерство со Министерството за образование. Целта на Саемот е да ги поттикне учениците да се заинтересираат за науката и да ги презентираат своите научни проекти пред пошироката јавност.

Во своето обраќање, Никица Мојсоска Блажевски истакна: „Проектот ‘Науката и Јас’ има значително влијание врз унапредувањето на образованието по природни науки во нашата земја. Минатата година, обучивме 23 наставници од 20 основни училишта низ Македонија, кои со својата работа директно влијаеја на околу 1100 ученици од шесто одделение. Учениците, преку практични проекти и експерименти, развија нова љубов и интерес кон науката. Организиравме четири регионални саеми во Скопје, Велес, Делчево и Струга, каде учениците имаа можност да ги презентираат своите проекти и да разменат идеи со врсниците. Во учебната 2024/2025 година, целиме кон проширување на опфатот на проектот со организирање професионална обука за повеќе од 100 наставници ментори од областа на природни науки и одделенска настава, како и организирање повеќе регионални научни саеми во дополнителни региони.„

Боријан Борозанов, Оперативниот директор за Европа од Џонсон Мети нагласи дека науката игра клучна улога во обликувањето на иднината и дека компанијата е посветена на поддршка на образовни иницијативи и промовирање на одржливост и иновации. “Нашата компанија верува дека инвестициите во образованието се инвестиции во иднината,„ рече тој.

Саемите се насочени кон унапредување на образованието по природни науки, овозможувајќи активно учество на учениците во практични проекти и експерименти, кои ќе го разбудат нивниот интерес за науката. На настанот се претставија четири наставници-ментори со тимови од над 30 ученици, кои демонстрираа експерименти и проектни задачи од областа на природните науки (биологија, географија, хемија и физика) пред над 500-тина свои врсници од училиштето домаќин и училиштата во општината.

Организаторите упатија благодарност до волонтерите на Џонсон Мети, чие учество беше клучно за успехот на настанот. Тие ја отелотворуваат посветеноста на компанијата за волонтеризам и корпоративна општествена одговорност.

„Искрено не радува што преку вакви и останати настани и проекти во областа на образованието, работејќи заедно со нашите корпоративни партнери: Костал Македонија, Триглав осигурување, Алкалоид АД Скопје, А1 Македонија ДООЕЛ и ВФП Фонд манаџмент АД Скопје, и поддржувачи: Тримакс.мк и Литература.мк можеме да инспирираме, поттикнеме и едуцираме и најважно од сѐ, да ја разгоруваме страста за наука во срцата на основците и да создадеме идни генерации подготвени да се соочат со глобалните предизвици“, се вели во соопштението до медиумите.

Енергијата и ентузијазмот што ги покажаа учениците и нивните наставници на Саемот за наука се доказ за трансформативното влијание на нашите напори, но и дополнителна мотивација да вложуваме во образованието.