На обвинувањата од СДСМ за Алта банка Битола, ВМРО-ДПМНЕ одговара со случајот Еуростандард банка
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до медиумите реагираше на обвинувањата до СДСМ за Алта банка Битола, повикувајќи се на случајот со Еуростандард банка, на која пред неколку години во време додека СДСМ беше на власт, Народната банка ѝ ја одзеде дозволата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Венко Филипче продолжуваат со ширење манипулации во врска со случајот за Алта банка. Според владејачката партија, тие немале познавања од банкарскиот сектор и дека тоа се гледало по тоа што не правеле разлика меѓу Еуростандард и Алта банка, затоа што, како што се наведува во реакцијата, станува збор за два случаи во кои правната основа не е иста.
„Во 2019 година дозволиле од Венецуела, која тогаш беше под меѓународни санцкии да се слеат 110 милиони евра во фирми блиски до Заеви. Парите биле префрлани преку нерезидентни сметки на фиктивно отворени фирми во Скопје, а сопствениците биле латиноамерикански државјани, а дел од тие пари оделе и преку руски банки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека фирмите блиски до Заеви оствариле добивка од речиси 13 милиони евра бидејќи не плаќале кредити, на штета на сите други штедачи во банката.
Во реакцијата се посочуваат и имиња на конкретни фирми.
Според ВМРО-ДПМНЕ, за Алта банка надлежните биле транспарентни во врска со целиот случај и кажале дека работат на решавање на проблемот.
„Но, се чини дека на СДС не им е јасно. Гувернерот јасно посочи дека банката е ликвидна, па оттука, согласно Законот за банки, Народна банка има законска можност да назначи привремени управители кои ќе вршат контрола врз работењето на банката, вклучително и врз продажбата на акции и имотот, како и врз одливите на средства во странство. Целта на овие мерки е да се заштити имотот на банката додека не се најдат купувачи за акциите, а со тоа и да се заштитат интересите на граѓаните“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.