На местото на касарната „Илинден“ никнува нова населба


На територијата на Општина Карпош, кај касарната Илинден кон булеварот „Словенија“, ќе никне нова населба.

Како што информираат од Општина Карпош, поттикнати од стратегијата за развој на своите периферни делови, советниците на последната седница го изгласаа Деталниот урбанистички план за Градска четврт ССИ 03, блок ССИ 03.02 (кај касарната „Илинден).

Инаку, општинските власти објаснуваат дека конкретниот ДУП опфаќа површина од 34,831 хектари, и е дефиниран на север помеѓу магистралната улица „Словенија“, на исток се движи по осовината на новопланираните сервисни улици „1804“ и „1811“, додека на југ и запад се протега низ транзитниот булевар „Никола Карев“.

-Со планот, опфатот е конципиран во една целина со вкупно 34 парцели со намена за домување и трговски единици, хотелски комплекс, се предвидува изградба на основно и средно училиште, како и детска градинка, објект на МВР и станица за технички преглед на возила. Исто така, планот предвидува простор за парковско зеленило (Д1) и заштитно зеленило (Д2)-објаснуваат од Општина Карпош.

Оттаму додаваат дека за намена А – домување предвидени се 24.775 квадратни метри од ДУП-от или 7.11 проценти од целиот ДУП.

Воедно, потенцираат дека драстично е поголема квадратурата за површини за зеленило и рекреација, односно за намена Д-зеленило и рекреација предвидени се 71.549 квадратни метри или 20.54 проценти од целиот ДУП.

За немена Б-комерцијални и деловни објекти предвидени се 74.236 квадратни метри или 21.31 проценти од целиот ДУП, за намена намена В-јавни институции предивдени се 50.211 квадратни метри или 14.42 проценти од целиот ДУП, додека за намена Е-инфраструктура предвидени се 127.544 квадартни метри или 36.62 проценти од целиот ДУП.

Инаку, највисоката катност за објектите за домување (А намена) е седум ката, додека за комерцијалните и деловните објекти (Б намена) е пет ката.

Како што потенцираат од локалната самоуправа, повеќе инвеститори веќе пројавиле интерес за градба во овој дел.

– Основната интенција е да се дисперзира притисокот од градење во централното урбано јадро и рамномерно да се урбанизира и овој реон од Карпош – потенцираат од локалната самоуправа.