На местото на депонијата во Ѓорче Петров, ќе се прави парк


Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во емисијата „Топ тема“ најави дека на местото од исчистената депонија во Ново Село ќе градат парк.

„Се трудиме капиталните инвестиции да не трпат. Веќе кажав, ние од сам старт почнавме со реализација на капиталните проекти кои ни беа ветени во програмата. Еден од нив е депонијата во Ново село која е исчистена. Покрај предвидените седум хектари, ние успеавме да исчистиме многу повеќе, околу 11 хектари. Дополнително успеавме да го санираме течението на реката Лепенец. И еве сега сакам да најавам пред јавноста, отпочнуваме со реализација на нов мега парк во Ѓорче Петров, на локацијата на поранешната депонија во Ново село. Дополнително имаме градежни активности, ќе стартуваме со изградба на нова атмосферска канализација“, рече Стојкоски во „Топ тема“. 

Прашан како ќе се реализираат проектите, а со оглед дека Ѓорче Петров има наследен долг, Стојкоски вели дека има повеќе модули.

„Ние не можеме да се ослониме само на средствата од нашиот буџет, бараме и други извори на финансирање. Ги јакнеме капацитетите на Секторот за локален економски развој, бидејќи како општина сме поволни за меѓугранична соработка и веќе тераме проект за изградба на нова пречистителна станица во село Орман. Оваа година ќе аплицираме со нова твининг организација од соседните земји во тој дел. Имаме услови како општина да ги користиме  средствата од ИПАРД-компонентата, достапни ни се средства од Светска банка, така што, инфраструктурно ќе се насочиме да бараме средства за долгорочно финансирање од овие институции“, додаде Стојкоски.