На Машинскиот факултет при УКИМ отворен Саем за пракса и вработување


Вчера, Машинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје го отвори Саемот за пракса и вработување. Во лобито на Машински факултет се поставени штандови на вкупно 24 добро познати компании кои веднаш го привлекоа вниманието на идните инженери од Машинскиот факултет, но и останатите студенти од инженерскиот кампус.

„Соработката меѓу индустријата и факултетите е клучна за економски и општествен раст и развој. Во следните денови, компаниите ќе ги претстават своите можности за соработка пред студентите на УКИМ. Саемот ќе се одржува до 03.11.2022, па ги повикувам сите идни инженери да воспостават контакти и да ги откријат можностите за развој на кариерниот пат во водечки компании во нашата држава.” – изјави проф. д-р Радмил Поленаковиќ, редовен професор на Машински факултет-Скопје и раководител на Центарот за кариера при Машинскиот факултет.

Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Дарко Данев посочи дека „целта на саемот е да се зголеми соработката помеѓу Универзитетот и стопанството во насока на подобрување на вработливоста на студентите преку поголем број на реализирани пракси во компаниите и заеднички проектни и дипломски работи. Саемот за пракса и вработување нуди единствена можност за регрутирање на најдобрите сегашни студенти, а идни инженери од Машинскиот факултет во Скопје“.