Така Конески го бранеше јазикот | ОДГОВОРОТ НА ВЕЛИКАНОТ ДО НЕГАТОРИТЕ (4)
На македонскиот јазик му се одзема правото да постои
Не само што во Пиринска Македонија се оспорува употребата на македонскиот јазик, ами и воопштo се поставува под голем прашалник правото на тој јазик да постои и да се развива во фамилијата на современите славјански литературни јазици
Но нека преминеме сепак понатаму на тоа што во „Работническо дело“ се изнесува за нашиот литературен јазик. Сето се сведува главно на овие две точки: 1) оправдување на мерките што се зедоа спрема нашиот литературен јазик во Пиринска Македонија од страна на XVI пленум на ЦК БРП(к); и 2) напад на општа основа против нашиот литературен јазик.
Нека се запреме сега на првата точка. Како што е познато, XVI пленум донесе во однос на изучувањето на нашиот јазик во Пиринска Македонија решение изразено во следните зборови: „да се воведе факултативно изучување на македонскиот литературен јазик во училиштата, кое треба да го водат месни македонски учители“. Тоа значеше во истото време — дека се укинува дотогашното задолжително изучување на македонскиот јазик во пиринските училишта и дека им се откажува гостоприемство на учителите дојдени од НР Македонија, да го предаваат македонскиот литературен јазик и македонската историја. Како го објаснува овој чекор од страна на XVI пленум Чанков? Тој кажува дека причината што го натерала пленумот на ЦК БРП(к) да го отфрли задолжителното изучување на македонскиот јазик во училиштата била таа „што тој јазик се покажа како не разбирлив за населението на Пиринскиот крај, го отежнува неговото правилно воспитание како на македонско население и почна да предизвикува разединување во него и можеше да го спречи неговиот прогресивен развиток“.
Според статијата во „Работническо дело“ на македонскиот народ во Пиринска Македонија му останува „засега да се учи и воспитува во духот на социјализмот на неговиот говорен јазик, што му е разбирлив, т. е. на бугарскиот јазик а официјалниот јазик во Вардарска Македонија да го изучува доброволно“.
Ако се сврзат овие две мисли една со друга, можат да се заклучат неколку работи. Може да се заклучи, на прво место, дека правилното воспитание на Македонците во Пиринска Македонија токму „како на македонско население“ може да се врши само на бугарскиот јазик. И оваа парадоксална мисла е едно ново обогатување на теоријата за нацијата. Зашто досега беше во важност максимата дека еден народ може да се развива како таков само на својот јазик, па следствено дека и населението во Пиринска Македонија може да се развива „како македонско население“ единствено на македонски јазик. Како би звучело на пример да кажеме дека белорускиот или украинскиот народ би се развивале имено како белоруски и украински народ на рускиот јазик? А токму такво нешто тврди Чанков во однос на македонскиот народ во Пиринска Македонија.
Од една страна тој вика како било клевета дека БРП(к) ја отфрлала македонската нација и македонскиот јазик воопшто, а од друга страна изјавува оти еден дел на македонскиот народ може да се развива на македонски не на својот литературен јазик, на кого што и Чанков, барем со збор, не му го откажува постоењето „воопшто“, ами на бугарскиот јазик. Овие противречности просто рикаат. Кога веќе смело се изјавува дека јазикот на „македонското население“ во Пиринска Македонија бил бугарски, тогаш зошто се запира на пол пат, и не се доискажува тоа што инаку секој го подразбира од тие зборови: дека „македонското население“ во Пиринска Македонија е заправо бугарско. Тогаш противречноста би се укинала, и судот би гласал дека „бугарското население во Пиринскиот крај, може да се развива како бугарско единствено на бугарски јазик“. Зашто при постоењето на два национални јазика, македонскиот и бугарскиот, прашањето може да се постави единствено во ваков разрез: или е народот во Пиринска Македонија македонски, и тогаш тој како таков може да се развива само на македонскиот ја зик, или е тој народ бугарски, и тогаш тој како таков може да се развива само на бугарскиот јазик. Сѐ друго, што сака
поинаку да ја претстави работата, само е измислување и ништо повеќе.
Еве како се изразува во тој однос Сталин, говорејќи за некои слични комплекси прашања во СССР:
„Едно од двете:
Или украинскиот, азербејџанскиот, киргискиот, узбечкиот, башкирскиот и другите јазици, претставуваат реалност, па спрема тоа во тие области е апсолутно потребно да се развиваат училишта на мајчиниот јазик, суд, администрација, органи на власта од домородци, и тогаш — советската автономија мора да биде спроведена во тие области до крај, без резерва;
Или украинскиот, азербејџанскиот, и другите јазици се проста измислица, спрема тоа училишта и други установи на мајчиниот јазик не се потребни, и тогаш — советската автономија мора да се отфрли како непотребна старудија. Барањето трети пат е резултат на непознавање на работата или на жалосна површност“.
Во случајот со статијата од „Работническо дело“, создавањето на некакви нови формулации за „правилниот“ национален развиток на еден народ не на неговиот роден јазик иде очевидно како резултат на тоа да се прикрие со известен параван полното негирање на македонската нација и на македонскиот јазик. Неудобно е да се покаже веднаш голотијата, после сето она што се прокламираше од БРП(к) во тој однос за ужас на великобугарската опозиција, која викаше дека комунистите ги предале „бугарските национални идеали“, после сето што и самиот Чанков го изјавуваше пред една година, велејќи дека македонскиот народ во Пиринска Македонија треба да се развива на својот роден македонски јазик. Што се крие зад параванот може уште оддалеку по миризбата да се сети: тоа е великобугарштината.
Толку по тоа прашање. Второто нешто што би требало некако да си го објасниме, тоа е тврдењето дека македонски от јазик, се покажало, можел „да го спречи неговиот (на пиринското население, Б.К.) прогресивен развиток“. Во што се состои тоа необично својство на македонскиот јазик да го спречува прогресивниот развиток? Дали е тоа јазик реакционерен по својата сушност, та да оди против напредо кот? Можеби во тоа треба да го бараме одговорот што во Пиринска Македонија се запре ширењето на пример на Исто ријата на СКП(б) или на „Комунистичкиот манифест“ на тој проклет македонски јазик? Се разбира, дека тоа би била голема глупост, и ние нејќеме мислата искажана во „Работническо дело“ да ја истолкуваме по тој начин. Најверојатно таа ќе се однесува или на наводното неразбирање на нашиот јазик во Пиринска Македонија или на неговата поголема заостанатост во однос на бугарскиот литературен јазик. Во првиот случај ние го засегаме прашањето 1) за односот на народните говори во Пиринска Македонија спрема другите наши говори и спрема нашиот литературен јазик; и 2) за последиците од досегашната употреба на бугарскиот литературен јазик во тој наш крај, за степента на неговото проникнување во народните маси итн. Ова прашање го оставаме да го разгледаме одделно малку подоцна.
Тие што би сакале да прават сосем произволни заклучоци за „прогресивноста“ и „регресивноста“ на јазиците — расудуваат антиисториски и антинаучно. На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот литературен јазик, можеме да им речеме само: ваша работа!
Во вториот случај, т.е. ако се мисли дека нашиот јазик е понесовршен од бугарскиот, дека тој сега допрва се изградува, додека бугарскиот има своја подолга историја како јазик на една развита литература, дека следствено би било враќање назад за Пиринците што досега се служеле со тој посовршен јазик, да го усвојуваат сега македонскиот, — во тој втор случај и во тој ред на заклучувања, се пројавува една тенденција не прогресивна, ами квазипрогресивна, реакционерна по својата сушност. Зашто, прашаме ние, колку се денеска народите во светот што ја имале таа среќа да создадат свои литературни јазици и да ги подигнат на висок степен на совршенство? Не ли сѐ уште повеќето народи стенкаат под колонијално и полуколонијално ропство, немајќи никаква можност да здивнат, а камо ли да можат да изградуваат своја литература и свој литературен јазик? Нели и македонскиот народ до вчера беше еден од тие народи што крвта му ја цицаа неканетите гости? И што, кога тие такви народи ќе се совземат, ќе приберат во себе сили за борба против потисниците, и кога тие ќе сакаат да ја кажат својата вистина на свој литературен јазик, зар ќе биде прогресивно да им се рече на тие народи дека е враќање назад сега тие од азбуката да го изградуваат својот литературен јазик, кога ете има веќе создадени и усовршени литературни јазици, што треба просто да се земат и готова работа. Не по тој начин, доколку што ни е познато, се реши истото прашање по Великата Октомвриска социјалистичка револуција во СССР, ами сосем напротив, на народи што не знаеја дотогаш воопшто за своја писменост им се спомогна да ги изградат своите литературни јазици, се закрепија тие народи да застанат на нозе, та со сета сила да се зафатат со развивање то на својата култура. Таква помош со право очекува македонскиот народ од братска Бугарија, на прво место од бугарските комунисти. Место таа помош дојде одмагање.
Не само што во Пиринска Македонија се оспорува употребата на македонскиот јазик, ами и воопштo се поставува под голем прашалник правото на тој јазик да постои и да се развива во фамилијата на современите славјански литературни јазици. Жално е ама факт е: место да ги употребиме нашите сили за некаква друга, покорисна работа, ние сме денеска принудени да се ангажираме во одбрана на основните постиженија на нашиот народ низ неговата борба, од оние, од каде што најмалку се надевавме на напад.
Должни сме, меѓутоа, на ова место да упозориме дека и „теоријата” за назадноста на нашиот литературен јазик, за тоа како тој го кочел културниот прогрес на народот, не е оригинална творба на Чанкова, ами е позајмена како и другите негови тврдења за нашиот јазик — од великобугарската идеолошка ашчилница. Веќе погоре имавме случај да приведеме еден цитат од опозициониот весник „Знаме“, каде се кажуваше како нашиот литературен јазик претставувал „една пречка, за да може македонската држава да ги стигне во културен однос останатите области на нова Југославија“. Овдека ќе додадеме дека токму во однос на македонскиот народ во Пиринска Македонија се поставуваше од бугарската опозиција прашањето да ли тој ќе се согласи „да го прими ‘новиот јазик’ и сам да посака да се врати со децении назад…“ („3наме“, 16 ноември 1946). Ете го кај бил оригиналот!
Но нека знаат едно таквите луѓе. Тие можат колку са каат да го презираат македонскиот литературен јазик, тврдејќи дека неговата појава значи регрес — македонскиот литературен јазик нема од тоа да биде помалку жива историска стварност, без оглед дали и како на некои им ујдисувало. И уште нешто: тоа е јазик што во овој момент на својот развиток далеку не е така заостанат како што си претставуваат тие. Тоа е јазик на една млада, полетна литература, што со секој ден сѐ поплодотворно се разгрнува. Тоа е јазик на кој што денеска прекрасно можат да се присвојат и се присвојуват за македонскиот народ сокровиштата на човешката мисла. Нека споменеме не повеќе — дека на тој ја зик нашиот народ го има и го чита „Комунистичкиот манифест“ и „Лудвиг Фоербах“! што достаточно сведочи за неговата развиеност. Сосем јасно, дека нашиот литературен јазик не може денеска во сите подробности да биде установен, зашто за тоа се бара извесен период на време. Сите досегашни литературни јазици во светот преминувале таква фаза во својот развиток, како и сите нови литературни јазици, што допрва ќе настанат, ќе ја преминуваат. Тие што од овој природен факт би сакале да прават сосем произволни заклучоци за „прогресивноста“ и „регресивноста“ на јазиците — расудуваат антиисториски и антинаучно. На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот литературен јазик, можеме да им речеме само: ваша работа! Но колку слатко е да се кажува вистината на тој „неразвиен“ јазик, а колку мизерно звучи лагата (особено од устата на комунисти) па макар била искажана на најсовршениот јазик во светот, или макар на јазик толку совршен колку што е бугарскиот. (Продолжува)
(Овој фељтон е пренесување на книгата-реакција на Блаже Конески – „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, издадена во декември 1948 година, како одговор на бугарските оспорувања на македонскиот литературен јазик)