На Кузмановски не можат да му ја земат лиценцата за работа бидејќи немал!


Видеото со Игор Кузмановски кое вчудоневиди јавноста

Лекарската комора на Македонија во моментот не може да му ја одземе лиценцата за работа на разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, бидејќи тој воопшто нема активна лиценца. Лиценцата на Кузмановски истекла уште на 15 март годинава, а тој дури минатата недела поднел барање за нејзино продолжување. Засега, постапката за обновување е во тек, а неговото име не се наоѓа на официјалниот список на активни лекари објавен на веб-страницата на Комората.

Според правилникот на Комората, лекар кој ја пропуштил законската обврска за обновување на лиценцата повторно може да се стекне со право на работа само по дополнителна обука и полагање стручна проверка пред комисија. Лиценцата важи седум години, а барањето за продолжување мора да се поднесе најмалку 30 дена пред истекот, што значи дека Кузмановски требало тоа да го направи уште на 15 февруари.

Кузмановски беше разрешен во петокот, само два часа откако на социјалните мрежи се појави видео на кое зборува за купување „бело“, а на снимката се гледа како подготвува „линии“ од непозната супстанца.Снимката предизвика лавина реакции, а Министерството за здравство веднаш реагираше со негово разрешување од функцијата директор на Клиниката за неврологија.

Викендов, во јавноста се појави писмо со поддршка за Кузмановски од колеги од Клиниката за неврологија.

Д-р Кузмановски беше назначен за директор на 8 август 2025 година, на местото на Фатмир Меџити, кој претходно беше откриен дека истовремено бил и хонорарец во Министерството за здравство со месечен надомест од 1.000 евра, што предизвика нови полемики за злоупотреби во здравствениот систем.