На Крмзов му е одземен пасошот, доказите за малверзации собрани во два камиона


Фото: Б. Грданоски

Скопскиот Кривичен суд определи мерки за претпазливост за едно од лицата кои беа задржани во полициска станица во акцијата за даночни измами и малверзации.  Според информациите се работи за струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов на кој му е одземен пасошот.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски во телевизиско интервју на националниот сервис оценувајќи ја акцијата за успешна рече дека се обезбедени докази и документација која ќе биде предмет на анализа.

-Акцијата беше успешна. Се прибавија одредени материјални докази и се прибавија одредени компјутерски материјали. Сослушани се три лица пред јавниот обвинител со што за едно лице се предложени мерки за пратпазливост за одземање на патната исправа и за јавување во судот, изјави јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Во четвртокот вечерта полицијата заедно со УЈП и Царина изврши претреси на повеќе локации во Струмица, Скопје и Гостивар. При претресот на фирмите и објектите на Крмзов во Струмица биле пронајдени дијаманти, а кај магационер на една од неговите фирми во Скопје поголема сума на пари во кеш. Според информациите и вчера имало претреси во други два магацини на Крмзов.

Едно од главните дела кои им се става на товар на лицата под истрага е фиктивниот поврат на ДДВ и оштетувањето на државната каса. Според написите во медиумите, извадени се два камиона доказен материјал, а само во еден случај тие прикажале 880 милиони денари за поврат на ДДВ, односно 14 милиони евра.Истрагата открила дека биле регистрирани фирми и на косовски државјани со измислени имиња, кои не постојат во базата на податоци, за да се забошоти криминалот.

Според некои медиуми, можно е акцијата да се прошири и кон поранешни носители на државни институции, како поранешната директорка на УЈП, Сања Лукаревска и директорката на Централниот регистар.