На комеморативен собир откриена спомен-плоча во спомен на загинатите во автобуската несреќа кај Ласкарци
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/spomen-laskarci.jpg)
На комеморативен собир во паркот на градскиот плоштад во Гостивар беше откриен постамент со спомен-плоча во спомен на загинатите во сообраќајната несреќа кај скопско Ласкарци. Во овој трагичен настан на денешен ден во 2019 година животите ги загубија шеснаесет гостиварци и жители на околни места, а триесетина патници беа повредени.
На собирот попладнево покрај роднините на загинатите и нивни пријатели кои запалија свеќи и положија цвеќе, присуствуваше и делегација од општината, предводена од вд градоначалникот Ваљбон Лимани, кои симболично положија 16 рози.
– Дојдовме тука да ја одбележиме шестгодишнината од трагичниот настан во и да ја откриеме спомен плочата со имињата на жртвите во несреќата. Со ова воедно сакаме и да им изразиме сочувство на фамилиите кои ги загубија најмилите и да испратиме порака вакви настани да не се повторат во нашиот град, рече градоначалникот Лимани.
Со поставувањето на спомен обележјето во чест и сеќавање на загинатите во автобусот на превозникот „Дурмо Турс“ општинските власти ја заокружија иницијативата која ја започна во декември 2022 година. Тогаш еден дел од паркот во центарот Гостивар беше преуреден и во него се засадија шеснаесет тиси, а подоцна се поставија и табли со имињата на загинатите.
На 13 февруари 2019 година автобус на превозникот „Дурмо турс“, тргна кон Гостивар во 16:15 со 51 патник. Подоцна на автопатот во близина на селото Ласкарци (скопско) излета од коловозот. Во несреќата животите ги загубија Трпана Јаневска, Павле Костоски, Арсе Арсоски, Ферди Касо, Ерза Османи, Дејан Ристоски, Раметула Абдураими, Валдете Хамити, Јовица Трпевски, Бесим Фетаи, Онур Садику, Есат Емрули, Ајдин Исмаили, Бејза Узеири, Зоран Давидовски, Бобан Аврамовски.
По долгиот судски процес, лани беа донесени пресуди за обвинетите. Според кажувањата на дел од роднините на загинатите, конечниот судски расплет не е завршен, бидејќи како што рекоа, поднесена е жалба и 13 месеци се чека на одговор од Скопскиот апелациски суд.