На колку дела ќе се ситни десничарското изборно тело


Една од најголемите непознатици на овие избори е дали ќе се раздроби избирачкото тело на Македонците кое гравитира од десницата до крајната десница. Сигурно дека ВМРО-ДПМНЕ (кое идеолошки од десниот центар замина далеку подесно) има огромна гравитациска сила да привлече најголем дел од десничарските гласачи. Но големо прашање е што ќе стане со оние „патриотски националисти“. За време на претседателските избори сите десничарски потоци и реки течеа кон Гордана Силјановска-Давкова, но ова се параламентарни избори и амбициите се различни и интересите поинакви.

Преспанскиот договор изроди цела лепеза здруженија кои можат да се сведат под еден општ назив „бојкотирам“, но нивните интереси се различни, како и политичките цели. Платформата „Македонски концепт“ зад која стои еден од реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески е највидлива во јавниот дискурс. Ќе видиме дали таа ќе се појави на изборите со своја пратеничка листа. Во меѓувреме, другите од од овој десничарски камп веќе ги објавија намерите. Неодамна, во разговор во емисијата „Јади бурек“ (која што служи како своевидна трамбулина за „патриотските“ политичари и интелектуалци) Владимир Трајковски, член на раководството на партијата Родина, најави дека собирањето потписи е пред самиот крај и дека тие ќе успеаат да се регистрираат за да за учествуваат на изборите. Родина била „единствената изворна и неинсталирана суверенистичка опција во Македонија“, таа произлегувала од „длабоките корени на македонската државност и нација“ и заедно со сите „слободољубиви народи се бори а против истото зло, глобалофашизмот“.

Но дел од тој „суверенистички“ колач сакаат да земат и други субјекти. Вчера во Охрид беше промовирана платформата „Македонска независна листа“. Промоторот Горан Тасковски изјави дека нивна главна цел било „ресетирање на Република Македонија, враќање на нејзиниот суверинитет, интегритет и дигнитет во рамки на своето постоење“. Тој изјави дека платформата нуди „враќање на државата во рацете на народот, враќање на името и знамето на државата, окончување на вештачката творба ’Северна Македонија‘, враќање на првиот меѓународно признаен устав на државата од 1991 година со негово референдумско дополнување, раскинување на сите досегашни штетни договори“. Тоа на некој начи е слично со слоганот на ВМРО-ДПМНЕ „Никогаш северна, секогаш Македонија“.

„Македонска независна листа“ е составена од движењето „Бојкотирам“, „Мир“, „Беломорска партија и егејските здруженија“, „Фаланга за вечна Македонија“… Колкава ќе биде нивната реална силаво десничарскиот камп засега е целосно непознато. (Н.В.)