Саем за студии во Франција во НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје
Во НУБ „Св. Климент Охридски“ денеска од 11 до 16 часот ќе се одржува традиционалниот Саем за студии во Франција, кој го организира Францускиот институт во Скопје и француската агенција за високо образование „Кампус Франс“.
На саемот ќе се претстават шест француски високообразовни институции. Меѓу нив се четири државни универзитети чија образовна понуда опфаќа широк спектар на области – од природните и техничките науки, медицината, правото, економијата и општествените науки, па сè до спортските науки, уметноста и креативните индустрии.
Ќе се претстави и приватна школа специјализирана за графички дизајн, анимација, видеоигри и аудиовизуелни уметности БРАСАР, како и приватната школа КЕЏ Бизнис скул, која нуди студии по бизнис, менаџмент и сродни области.
-Ова е одлична можност за македонските средношколци и студенти да ги добијат сите потребни информации за понудата на студиски програми директно од претставниците на француските универзитети присутни на саемот, како и информации за сите аспекти на студентскиот живот во Франција. Но, исто така, и за остварување контакти и договори за соработка помеѓу француските и македонските универзитети, се наведува во најавата за настанот кој во 12 часот официјално ќе го отвори амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер.