Така Конески го бранеше јазикот | ОДГОВОРОТ НА ВЕЛИКАНОТ ДО НЕГАТОРИТЕ (6)
На кој јазик Коста Рацин ја пишуваше „Бели мугри“?
Ако македонскиот јазик се создал по диктат на Белград, како што тврдат великобугарите на кој јазик ги пишуваше Рацин „Ленка“, „Тутуноберачите”, на тие песни што уште кога се јавија, се разнесоа насекаде по Македонија, трогнувајќи го до солзи срцето на нашиот работен народ
Ние знаеме веќе дека викањето против еден литературен јазик како тој бил создаден „вештачки“, „по директива“, „по диктат“ итн., не е ниту ново, ниту употребено прв
пат против нашиот литературен јазик. Нека споменеме пак со какви камења беа дочекани на пример украинскиот или белорускиот литературен јазик. Сето тоа е одамна познато како оружје на шовинистичката буржоазија во борбата против националните движења на потиснатите народи. Не треба ништо да нѐ чуди ако луѓе како Чанкова кои или не го познаваат марксистичкото поставување на националното прашање или дури свесно го изопачуваат, прибегнуваат на крајот на краиштата до поставки создадени не од марксистичката, ами од буржоазната шовинистичка мисла. Свесно или несвесно тие се потчинуваат на буржоазната идеологија. Колку е голема опасноста од такво потчинување баш по линијата на шовинизмот, најарно е посочено од Сталина, кој што зборувајќи за великорускиот шовинизам, кажува дека тој „без форма, без физиономија лази, впивајќи се капка по капка во ушите и очите, менувајќи го капка по капка духот, сета душа на нашите функционери така што може да ти се случи тие функционери апсолутно повеќе да не ги препознаваш“ (стр. 166). Дали се извесни раководни бугарски комунисти подложени на една таква опасност, не е тешко да заклучи секој човек што знае да заклучува.
Штом тие во „Работническо дело“ во согласност со великобугарите, тврдат дека нашиот јазик бил создаден по диктат од Белград, можат ли тогаш да одговорат на некои од следните прашања. Дали Коста Рацин, еден од основателите на нашата современа литература и јазик, загинат во 1943 година, ги пишуваше своите „Бели мугри“, опевајќи го мачниот живот на нашите селани, тутуноработници, печалбари, на нашиот црнотрудов народ, дали ги пишуваше тој своите песни за македонската земја по наредба од Белград и на јазик „создаден по диктат на Ѓиласа“? Ние не знаевме дека јазикот на „Ленка“, „Тутуноберачите”, на тие песни што уште кога се јавија, се разнесоа насекаде по Македонија, трогнувајќи го до солзи срцето на нашиот работен народ, бил јазик „вештачки“, создаден по диктат и што насила му се натурал на македонскиот народ. Но нека го оставиме Рацина, тој живееше и во Белград, па нека се расколебаме привидно во тоа, во што никој не може да нѐ расколеба, во тоа што како своето дишење сме го сеќавале и го сеќаваме. Дали, прашаме ние, по диктат од Белград беше создаден јазикот на „Народните бигори“, „Огинот“, „Лулкина песна“, „Луња“ и др. од Венко Марковски, на тие дела што излегоа не некаде другаде, ами во Софија, каде што поетот живееше? Ние не знаевме досега дека по таков диктат бил создаден јазикот на „Месецот“, „Жетварите“ и на толку други песни на В. Марковски од кои што некои и се пеат по сета Македонија. Дали е може би по диктат од Белград создаден јазикот на „Молскавици“ и „Пеш по светот“ од Коле Неделковски, кој што исто така живееше во Софија и загина во Софија 1941 година, и тоа како член на БРП(к)? А ете тие тројцата, Рацин, Марковски и Неделковски продолжувајќи ја работата почната уште од нашите преродбеници, ја зацврстија основата на нашиот современ литературен јазик, тие го решија на практика најважното прашање — кој дијалект ќе се земе за база на нашиот литературен јазик.
Но нека не застанеме тука, нека ги продолжиме нашите прашања понатаму. Дали, според „Работническо дело“, на јазик по диктат од Белград ја создавал својата бојна песна „Илинден” Мите Богоевски, загинат во 1942 година? Дали на таков „вештачки“ јазик, што му се натура на македонскиот народ, го испеа Ацо Шопов „Маршот на третата македонска ударна бригада” и другите свои песни, или ги напиша Владо Малевски своите раскази „Прва вечер“ и „Селанката од Копачка“, каде што се опишува Народно-ослободителната борба на македонскиот народ? Дали на јазик по таков диктат ги творат денеска своите песни, раскази, драми — сите современи македонски писатели? Би излегувало, значи, дека на јазик по белградски диктат е напишан „Мице“ и другите песни од В. Николески што ги знаат напамет и ги сакаат децата не само во Вардарска ами и во Пиринска Македонија.
Не, велиме ние, не е така! Не е тоа јазик создаван под никаков диктат, следствено вештачки, мртов. Тоа е јазик жив, со кого што мошно за својата слобода зазборува македонскиот народ. Тоа е јазик на една извонредно богата и убава народна литература. Денеска тој, по силата на нашиот национален развиток, се издигна до степенот на современ литературен јазик, денеска тој стана јазик на уметничка литература, денеска тој се доразвива и ги умножува своите функции. Тој е јазик што ја циментира со врската на заедничката култура македонската нација. И на тие што удирајќи против нашиот јазик лицемерно тврдат дека не работат против нашата нација, ние ќе им одговориме дека прават нешто повеќе: посегаат во светаја светих на македонскиот народ.
Дали, прашаме ние, по диктат од Белград беше создаден јазикот на „Народните бигори“, „Огинот“, „Лулкина песна“, „Луња“ и др. од Венко Марковски, на тие дела што излегоа не некаде другаде, ами во Софија, каде што поетот живееше?
Така стои прашањето со нашиот литературен јазик, кој што не е и не може да биде создаден по некаков диктат, ами е породен природно низ националниот развиток на нашиот народ. Тие пак што го тврдат обратното, т.е. дека македонскиот литературен јазик е создаден по диктат од Белград, нема зошто да протестираат, подобно на Чанкова, како таквиот нивни став во Скопје „совршено произволно го толкуваат како отфрлање на македонскиот јазик воопшто“.
Зад тврдењето како македонскиот литературен јазик бил создаден „не по неговата волја (на македонскиот народ, Б.К.), ами по диктат на Ѓиласа“, можеме да се досеќаме дека се крие уште еден зајак, а имено дека се мисли на наводната србизација на нашиот литературен јазик. Од таа пусија се испраќаа веќе поодамна куршуми против македонскиот литературен јазик од страна на великобугарите и ванчомихаиловците. „Дозволен е еден местен дијалект како писмен јазик за Македонија… самиот тој дијалект државата не го признава за бугарски. Со јавна тенденција се против бугарштината, се внесуваат во него множество српски зборови и изрази“ — вели еден од последните (Македоникус, „Сталин и македонското прашање“, Индијанополис, САД, 1947, стр. 56). А еден негов собрат од Бугарија се јавува дека во Македонија „…треба да се учи ‘македонскиот јазик’, составен од куп чисто српски зборови и некои ретки македонски провинцијализами“ (в. „3наме“, 29 октомври 1945 година). Но добро е познато како и порано наоѓаше ова тврдење за србизација на македонскиот јазик одглас кај бугарските комунисти кои и денеска еве стануваат дури и бајрактари во походот против македонскиот литературен јазик. На тоа укажа во својот реферат на II конгрес на фронтот, во мај 1948 година, другарот Лазо Колишевски, говорејќи како некои луѓе од ОФ се искажувале во оваа смисла на пример против употребата на зборот одбор во македонскиот јазик, затоа што бил српски.
Пуштајќи ја паролата како македонскиот јазик се наоѓал пред опасноста да се посрби, великобугарите сакаат со тоа да разбудуваат недоверба меѓу бугарскиот и српскиот народ, сакаат да ги намамуваат на таа јадица лековерните луѓе, искористувајќи ги спомените од минатото, како би го раслабиле братството и единството на македонскиот и српскиот народ. Во исто време, и во многу поголема мерка, тие гледаат со тоа да го збунуваат братскиот бугарски народ, настојавајќи да ја раздуваат омразата спрема Србите, кои ете пак во Македонија се наместуваат, според нив, на чисто бугарска мушија. Таква е смислата на викотницата како македонскиот литературен јазик бил посрбен. И ако на истото тоа гледиште застануваат и некои бугарски комунисти, тврдејќи дека нашиот јазик бил создаден по диктат од Белград, тогаш е јасно на чија воденица тие налеваат вода, и дали со тоа го спомагаат зацврснувањето на братството меѓу јужнославјанските народи, толку потребно за сите нив, или пак сосем наопаку — сакале или нејќеле, објективно им помагаат на оние што го рушат тоа братство, и што во таа разрушувачка дејност гледаат еден од основните предуслови за своето поновно враќање на власт. Не ли сеќаваат таквите бугарски комунисти дека со тоа ја сечат гранката, на која што самите седат?
Оставајќи го сега ова јасно прашање настрана ние ќе треба сепак да се запреме на тоа доколку е оправдана викотницата за србизација на нашиот јазик. Се однесува тука за земањето на некои српски зборови во него. Затоа прашањето треба да го поставиме во поширок размер: доколку е такво заемање од еден јазик во друг работа природна; што ни покажува во тој однос опитот од другите литературни јазици; доколку по сето тоа постои кај нас тенденција, диктирана од Белград, да се србизира нашиот јазик.
Општо позната работа е дека меѓу јазиците не може да се постави остра и непроодна граница. Напротив еден јазик се проникнува со друг, еден се влијае со друг, и дава и позајмува, одразувајќи ги со тоа живите економски и културно политички врски меѓу народите. Ниту нашиот македонски јазик можел во својата историја ниту пак денеска може, да се откине од таа поврзаност, да се развива во некаков херметички затворен простор, каде никаков туѓ збор не може да проникне. Нека споменеме само колку грчки и турски зборови се наоѓаат во нашиот јазик. Тие можат да се наброат со илјадници и сепак нашиот јазик, слава богу, не се грцизирал ниту се турцизирал. Можеме ли ние денеска да ги исфрлиме од нашата употреба сите тие зборови? Ниту можеме ниту пак тоа е потребно. Ние можеме само до извесна степен да ја ограничиме нивната употреба во литературниот јазик, форсирајќи за нивна сметка зборови од славјански корен. Но ако би сме застанале на гледиштето дека нив треба да ги снема од нашиот литературен јазик, тогаш би требало наново да измислуваме зборови на пример за ортома, стомна итн. (за тоа што се по своето потекло грчки зборови), или за тутун, јорган итн. (затоа што тоа се зборови дојдени од турскиот јазик). Кој од нас дури и сонува, ако не е специјално упатен во работата, оти стомна бил грчки збор? Тој наполно се одомаќил во нашиот речник и денеска го сеќаваме како свој. Нека се свртиме сега кон србизмите. Попусто се зафаќаат некои да докажуваат оти еве — дошло време македонскиот јазик да се србизира. Врските меѓу македонскиот и српскиот народ не се вчерашни, ами тие одат далеку во историјата. Познато е дека во Средниот век Македонија потпаѓала извесно време под власта на српската феудална држава и дека северниот нејзин дел уште долго време во турското ропство се наоѓал под ведомството на Пеќската патријаршија. Сосем природно дека во резултат на тие вековни непрекинати врски се јавувало и взаимно јазично влијание. Отаде ќе најдеме во македонскиот јазик зборови па и форми, што се дојдени од српскиот јазик. Ќе се најде ли некој па метен да ги исфрла зборовите куќа, ручек, судија и уште толку други — само затоа што тоа се зборови дојдени од српскиот јазик? И дали македонскиот јазик се посрбил од тоа што ги примил тие зборови? Гледаме — не. Па споменавме веќе оти и во бугарскиот литературен јазик наоѓаме одразено српско влијание. (Продолжува)
(Овој фељтон е пренесување на книгата-реакција на Блаже Конески – „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, издадена во декември 1948 година, како одговор на бугарските оспорувања на македонскиот литературен јазик)