На ИФФК „Браќа Манаки“ мастер клас со Елен Лотман, кинематограферка од Естонија


 

ИФФК „Браќа Манаки“ овозможи гостување и мастер клас со Елен Лотман кинематограферка и професорка од Естонија.

Лотман има реализирано повеќе од 20 играни, документарни и кратки наслови, снимени низ целиот свет, од  Јапонија, Тибет, Тајланд и Индија, до Никарагва, Костарика, Финска и Рускиот Артктик, и е добитничка на низа признанија и учествувала во натпреварувачките програми на престижни фестивали низ светот.

Својата презентација Елен Лотман ја наслови „Што е реалноста?“, и како што забележа таа, совршено се вклопува во годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, чие мото е „Реалноста не е доволна“.

Цитирајќи го славниот сликар Пабло Пикасо – „Научете ги правилата за да можете да ги прекршувате!“ – Лотман ги поведе присутните, низ предавање илустрирано со низа примери, пластично презентирани, за реалноста и нејзината перцепција. Лотман говореше за физичките и својства на светлината како широк електромагнетски спектар, кој меѓу останатото, ги покрива радиобрановите и инфрацрвените зраци. Но, човековата перцепција на светлината и предметите ги „раѓаат“ сликите во нашиот мозок.

-Сликите не постојат! Сликите не се складирани во нашиот мозок, туку тоа се електромагнетни бранови претворени во електрохемиски сигнали. Сликите во нашиот мозок не се слики, туку сигнали, посочува Лотман, поентирајќи дека човекот го учи тој процес од бебешки стадиум. Бебињата не ги гледаат сликите, нагласува Лотман, туку „прогледуваат“ со растењето и учењето како да ги гледаат сликите, посочи Лотман.

На мастер класот во Битола, Лотман презентираше и примери за феномените на „слепата точка“ и постојаноста на бојата и големината на предметите во човековата перцепција на сликите.