На Европа ѝ се заканува тотален „хаос“, суша – откако Алпите беа без снег


Сушите и топлотните бранови предизвикуваат голема промена во шумите во Европа.

Со малку снег на Алпите, високите температури за овој период од годината и широкиот недостаток на дожд, научниците се загрижени дека Европа би можела да биде сува второ лето по ред.

Европските шуми стануваат кафеави во текот на летните месеци поради сушите и топлотните бранови, пишува „Еуронујз“.

Минатата година беа зафатени 37 отсто од медитеранските и средноевропските шуми, покажува новото истражување.

Истражувачите од ETH Цирих и Швајцарскиот федерален институт за истражување на шуми, снег и пејзажи (WSL) го истражуваа овој феномен во последните 21 година.

Резултатите објавени во списанието „Биогеонаука“ покажуваат дека „летните кафени шуми“ се шират низ Европа.

Проблемите се зголемуваат
Иако сушата одигра централна улога во ова, нејзините ефекти не беа моментални. Значително влијание имаа и честите периоди на високи температури најмалку две години во умерените зони.

Медитеранот страда од летно потемнување на шумите од раните 2000-ти, а во последниве години проблемот се прошири и во умерениот појај на шумите во централна Европа. По најжешкото лето досега во 2022 година, Европа го доживеа најобемното потемнување досега,  а повеќе од една третина од шумите во тие региони се зафатени .

Намаленото зеленило е знак за намалена виталност и зголемен стрес во шумите. Тоа укажува и на нивната смрт, наведува „Еуронујз“.

Нова суша?

А на Европа и се заканува уште едно, екстремно суво лето. Научниците предупредуваат дека Европа може да се соочи со суши како оние што го погодија континентот минатото лето, пренесува РТС.

Во посебен извештај за сушата во Европа во март, Европската опсерваторија за суша (ЕДО) предупреди дека условите кон крајот на зимата се слични на оние од истиот период минатата година.

Минатото лето екстремна суша ги погоди областите ширум континентот, при што реките во Германија се намалија поради сувото време, шумските пожари опустошија делови од Шпанија, акумулациите за хидроенергија во Италија ослабеа, а родот во Франција се исуши.

По лошата зимска сезона на Алпите, во која некои хотели беа затворени и машините за правење снег работат речиси без престан, телото на Европската унија за суша соопшти дека сега постои „висок ризик“ од недостиг на вода оваа пролет.

Пролетта ќе биде потопла од просекот
Сувото време не беше ограничено само на планините, туку зафати голем дел од континентот оваа зима, со знаци на суша кои веќе се шират во областите на Франција, Шпанија и северна Италија, според Европската опсерваторија за суша (ЕДО).

„Некои делови од Европа не се целосно закрепнати од минатогодишната суша, а повторното доаѓање или продолжување на таквите услови може да го интензивира влијанието и да има каскаден ефект“, предупреди Андреа Торети, виш научник во ЕДО, кој е одговорен за суша.

Комбинираниот показател за суша, користен од Европската опсерваторија за суша, покажа дека условите за суша се широко распространети дури и во земји кои воопшто не доживуваат суво време, како што се Велика Британија, Ирска и Швајцарија.

Се предвидува дека пролетта во Европа ќе биде потопла од просечната, што значи дека се потребни соодветни планови за користење на водата за континентот да се справи со сезона со висок ризик да биде критична за водните ресурси, се вели во извештајот.

Снегот на Алпите е далеку под просекот
Количината на замрзната вода на Алпите сега е уште помала отколку во ова време минатата година, соопшти ЕДО, што значи „сериозен“ пад на количината на вода што ќе се влее во блиските реки кога ќе се стопи снегот.

Количината на снег годинава е најниска од 2011 година во Италија, а во Швајцарија дури од 1998 година, а научниците се загрижени дека сушата предизвикана од климатската криза ќе удри посилно и побрзо отколку што предвидуваа.

„Пред само неколку години, проценивме дека повторливата екстремна суша, како онаа што ја видовме минатата година, ќе стане вообичаена до средината на векот во најпесимистичките сценарија“, рече Торети, додавајќи дека се чини дека веќе се приближуваме до тоа бидејќи сушите биле во 2018 година, потоа во 2022 година и повторно оваа година.