На Белград му се заканува скопско сценарио: Приватните превозници во јавниот сообраќај си ги бараат парите


Конзорциум од приватни транспортни оператори ги предупреди градските власти на српската престолнина за можноста за суспендирање на јавниот превоз поради неколкумесечни неплатени обврски на градската администрација кои надминуваат 33 милиони евра, а опозицијата во понеделник побара итен одговор од градските власти.

Најголемиот конзорциум „BG bus prevoz“, составен од 18 приватни транспортни оператори, ангажирани со државната градска транспортна компанија GSP, му се закани на раководството на Белград дека наскоро ќе ги суспендира услугите за превоз на патници доколку не им се платат неплатените долгови од 33,05 милиони евра.

Јавниот превоз во Белград, со одлука на градските власти, е бесплатен за сите граѓани, туристи и посетители од 1 јануари 2025 година, кога беше укината наплатата на билети и месечни претплати, а услугата се финансира директно од градскиот буџет.

Во писмо до градската канцеларија за јавен превоз и канцеларијата на градоначалникот, транспортните оператори предупредуваат дека не им е платено ништо четири месеци и дека повеќе не можат да работат вака.