На 92 години почина Анук Еме, актерска икона и муза на Фелини, Бертолучи и Лелуш

Меѓународна слава ѝ донесе филмот „Еден маж и една жена“, со кој стана првата француска актерка номинирана за Оскар за улога на француски јазик


Анук Еме, француската актерска икона која се прослави во филмови на Федерико Фелини, Бернардо Бертолучи и Клод Лелуш, почина на 92 години, потврди нејзината ќерка, без да изнесе други детали.

Еме беше номинирана за Оскар за најдобра актерка и за Златен глобус во 1967 за „Еден маж и една жена“ од Лалуш, а значајни улоги оствари и во класиците на Фелини „Осум и половина“ и „Сладок живот“, „Лола“ од Жак Деми и „Трагедија на смешниот човек“ од Бертолучи.

Нејзината кариера започна во 1940-тите, а последниот филм го сними во 2019, остварувајќи повеќе од 80 улоги.

Во интервју од 2007, Еме ја откри тајната на глумата.

„Фелини беше тој кој ме научи на ова: најважната работа е да слушате, само да слушате што другите ликови кажуваат. И не сфаќајте се себеси премногу сериозно“, кажа Еме.

Родена како Жудит Дрејфус, таа имала само 14 години кога била забележана од режисерот Анри Калеф, кој ѝ ја дал улогата на Анук во неговата драма „La maison sous la mer“ во 1947. На предлог на поетот Жак Превер, Еме потоа одлучила да го задржи името Анук. Во следните две децении таа снимила повеќе од 40 филмови, што ја направило препознатливо име во француската кинематографија.

 

По „Осум и половина“, Еме се преселила во Италија и таму снимила неколку филмови, меѓу кои и „Скок во темнината“, за кој беше прогласена за најдобра актерка на Канскиот фестивал во 1980.

Меѓународна слава ѝ донесе филмот „Еден маж и една жена“, со кој стана првата француска актерка номинирана за Оскар за улога на француски јазик.

Еме беше мажена и разведена четири пати: Со Едуард Цимерман (1949-1950), со режисерот Нико Папатакис (1951-1954), актерот и музички продуцент Пјер Бару (1966-1969) и актерот Алберт Фини (1970-1978). Од вториот брак имала едно дете, Мануела Папатакис (родена 1951 г.).