На 30 март ќе му се суди на Стојанче Јовановски за смртта на сопругата Ивана и ќерката Катја


На 30 март е закажан почетокот на судењето за Стојанче Јовановски, сопругот на Ивана Јовановска, која со 6-годишната ќерка падна од балкон во скопската населба Карпош.

Јовановски е обвинет за три кривични дела: телесна повреда, односно телесни повреди сторени како продолжено семејно насилство; загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.

Според обвинението, Јовановски подолг период постапувал сурово и нечовечки кон оштетената, која била во зависна и подредена положба. По стекнување на сопственост над станот каде живееле, започнал со психичко и физичко малтретирање, кое ескалирало во 2025 година.

Обвинението наведува дека тој често ја тепал и навредувал Ивана, и тоа дома и на јавни места, дури и пред нивната малолетна ќерка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка и ќе ѝ го одземе детето.

Според првичните информации, мајката и детето паднаа од балкон на зграда во Карпош. Случајот бил пријавен во полиција во 14:15 часот, а настанот се случил во зградите во близина на поранешна „Алумина“ во скопско Тафталиџе.