На 16 октомври ќе има средба во Брисел за пругата кон Бугарија


Делот од пругата што веќе е завршен кај Куманово

 

Замениците-министри на Македонија и Бугарија и претставници на Европската комисија ќе се се сретнат во Брисел на 16 октомври да разговараат за динамиката (или судбината) на пругата за железничкото поврзување преку Деве Баир. Како што соопштуваат од бугарското министерство за транспорт на таа средба треба да бидат разгледани сите сегашни и идни работи за реализацијата на Коридорот 8 од двете страни на границата.

Министерството за транспорт во Софија одговара на обвинувањата на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, дека од бугарска страна не е направено ништо за изградба на железницата, додека од македонска веќе има големи вложувања, но дека пругата ќе заврши во тунел на средина од планината.

„Делот од станицата Ѓуешево до влезот на прекуграничниот тунел Деве Баир е вклучен за реализација во текот на тековниот програмски период од Програмата за транспортна поврзаност 2021-2027 година. Цената за изградба на железничката врска што недостасува е 65 милиони лева (33 милиони евра), а проектот мора да биде завршен до 2030 година. До крајот на 2024 година се очекува изработка на техничкиот проект за делницата од Ѓуешево до влезот на тунелот, административните процедури со заинтересираните институции треба да завршат до средината на 2025 година. До крајот на 2026 година ќе завршат постапките за експропријација и одржувањето на јавен тендер за избор на изведувач. Во моментов се изготвени технички пасоши на постојните станици и меѓустаници кои се чуваат во рамки на проектот; катастарски планови и регистри; ажурирана анализа на трошоци и придобивки; технички проект за елементите на железничката инфраструктура, изготвени и одобрени катастарски планови и катастарски регистри“, објаснува бугарското министерство.