МЖСПП од Чаир ја почна кампањата за подигање на јавната свест за постапување со отпад
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/promena.jpg)
Општина Чаир денеска беше домаќин на првата јавна презентација на мултимедијалната национална кампања „Позитивна промена“ на Министерството за животна средина и просторно планирање за подигање на јавната свест и едукација на граѓаните и субјектите за правилно постапување со отпад.
Од Министерството информираат дека дека кампањата ќе трае 6 месеци и вклучува 2 едукативни видеа со пораки, 3 кратки промотивни спота и 8 ТВ емисии со соговорници од областа.
Како што посочуваат од МЖСПП, претставниците на општините од секторите за животна средина и комуникации од Скопскиот плански регион имале можност да се запознаат со целите на кампањата и начините како можат да вклучат, а од страна на претставниците на Министерството бил презентиран и споделен промотивниот комуникациски пакет.
-Денес, од тука во општина Чаир ја започнуваме националната кампања наречена „Позитивна промена“ која има за цел давање придонес кон подобрување на повеќедецениското загадување во земјава. Одговорноста за правилното управување со отпад припаѓа на сите засегнати страни: Владата, општините, правните лица кои управуваат со отпадот, граѓаните, приватниот сектор, изјави портпаролот на Министерството за животна средина и просторно планирање Наим Вренези.
Ана Мазневска Каранфилова, раководител на секторот за отпад информираше дека кампањата е финасирана од средства одвоени од надоместокот кој се уплаќа од страна на трговците за граѓаните кои купуваат пластични кеси, во вредност од 13.450.000 денари. Другиот дел од собраните средства по овој основ е инвестиран во набавка на садови за собирање на отпад за општините во целата држава. На тој начин, средствата собрани од граѓание се враќаат на граѓаните.
Во рамки на кампањата ќе се спроведат вкупно осум јавни презентации на кампањата по една во секој плански регион и освен во Чаир, истите ќе продолжат и во Куманово. Тетово, Битола, Струга, Струмица, Кавадарци и Штип. Исто така, ќе се реализираат и осум едукативни настани „Јас сум новиот еко-херој“ во едно училиште во секој плански регион.