МЗ: Пациентот од Куманово кој синоќа почина на Инфективна бил заболен од корона вирус


Фото: Б. Грданоски

Пациентот од Куманово кој доцна синоќа почина на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје бил заболен од корона вирус, информираат вечерва од Министерството за здравство.

За овој пациент, Министерството за здравство информираше денеска во редовното соопштение за дневната состојба со ново дијагностицирани, починати и оздравени пациенти, со напомена дека за него се чекаат резултатите од тестирањето на Ковид-19.

-Неговиот резултат позитивен на Ковид-19 пристигна попладнево, а овој случај на позитивен и починат пациент, во статистиката на ИЈЗ ќе биде евидентиран во утрешниот извештај. Пациентот беше донесен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје со тешко дишење и ниска сатурација, а од коморбидитети имал хипертензија и срцева слабост, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.