МЗ ќе вложи 205 милиони евра за унапредување на здравствената инфраструктура

Министерството за здравство почна со спроведување на Националната програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем. Таа е прва од ваков тип во нашата држава, која воспоставува нова логика на справување со ризици, дефинирањена стандардизирани протоколи, дигитална платформа за координација во реално време, обуки, симулациски вежби и интероперабилна комуникација меѓу здравствени и безбедносни институции, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.
Со оваа платформа, нагласи, се јакне издржливоста на системот и се прави чекор напред кон интегрирана здравствена безбедност и темелно ажурирање на Националниот акциски план за здравствена безбедност, со вклучување на лекциите од пандемијата, во согласност со стандардите на СЗО и ЕУ и зајакнување на законската рамка за меѓусекторска координација.
– Ова е јасна политичка порака, здравјето и безбедноста на граѓаните се неприкосновени, а нашата одговорност е да изградиме систем кој реагира пред заканата, а не по трагедијата. Со овие координирани чекори, нашата држава прави пресврт – од реактивен кон проактивен здравствен систем, подготвен да одговори на секоја закана. Веруваме дека здравјето и безбедноста на граѓаните немаат цена. Реформите што ги почнуваме се најдобрата инвестиција во нивната заштита. Но, за еден здравствен систем да биде навистина отпорен, реформите мора да се надополнат и со реални, капитални инвестиции. Затоа, Министерството почнува со нова инвестициска фаза од 205 милиони евра за обнова и унапредување на здравствената инфраструктура во Штип, Тетово и Кичево, рече Алиу.
Овие проекти, појасни министерот, се темел за подостоинствен третман на пациентите и подобри услови за медицинскиот персонал. Нагласи дека во рамки на новата логика што ја градат во здравството, логика на транспарентност и отчетност веќе активно функционира Алатката за пријавување неправилности, преку која граѓаните можат директно да пријават проблеми во системот.
-Досега регистрирани се 90 пријави, најмногу од Скопје, а најчести се поплаките за доцнење на резултати, доцнење на прегледи и ангажмани на доктори во јавниот и приватниот сектор. Но, најважно е што овие пријави и претставки не остануваат во фиока, секоја се разгледува од посебна работна група, со цел да има институционална реакција. Ова е јасната политичка порака: времето кога здравствените проблеми се игнорираа заврши. Сега граѓаните имаат глас и тој глас ќе се слуша, рече Алиу и во духот на реформите што веќе ги почнале се осврна и на направените измени на Законот за здравствена заштита.
Посочи дека создавањето семејство не смее да биде луксуз, туку право и затоа ја тргнале административната бариера, го удвоиле бројот на поддржани обиди за Ин витро од три на шест и ја дигитализирале постапката, а времето за одобрување е скратено на само две недели.
-Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и започнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани, рече Алиу и додаде дека тоа се конкретни чекори со кои го приближуваат здравствениот систем до граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека Министерството немало дефинирани протоколи и стандарди како се делува во кризни состојби, тие сега се дефинираат и се стандардизираат според ЕУ и добрите практики во светот.
– Тоа значи дека креираме кризни штабови кои ќе бидат обучени и ќе симулираме таков тип предизвици. Идејата е за секој член од тие работни групи да биде во состојба доколу се случи таков процес тој да не бара да го информирам или барам на телефон туку да знае дека во тој момент тој треба да биде на работа со таа работна група која ќе се справува со ризици. Исто така, креираме протокол меѓу интероперабилноста меѓу институциите. Да се знае за секој креиран процес или во овој случај природна непогода да се знае кои институции треба да бидат активни. Имаме две институции во државата кои треба да обезбедат протоколи за менаџирање со кризни состојби. Министерството за здравство ќе треба да креира јасни протоколи за менаџирање на здравствени проблеми во тие кризни состојби. Во тие групи нема да бидат доктори и вработени во Министерството за здравство туку во нив ќе има членови од институциите кои се надлежни за менаџирање со кризни состојби, рече Алиу.
На пример, ако има земјотрес, појасни министерот, треба да се знае кој како да дејствува и членовите на работната група брзо да дејствуваат при повреди на граѓани.
-Тоа значи дека ако треба Клиника за трауматологија и Ортопедија да бидат активни ќе знаат дека во таков случај треба да имаат способни екипи кои ќе делуваат навреме доколу има повредени, додаде Алиу.