МВР со дрон трага по исчезнатата Трајковска


Полицијата пронашла неколку предмети за кои се верува дека и припаѓале на 43-годишната Лидија Трајковска, која од завчера е пријавена за исчезната, а последен пат била видена на автобуска станица во скопското село Јурумлери. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека го утврдиле движењето на жената – таа од Јурумлери се упатила по патот што води кон Драчево. На тој пат, во близина на мостот на реката Вардар, при пребарување на теренот вчера биле најдени кутија од цигари, запалка и џемпер.

„Од страна на нејзиниот сопруг препознаени се кутијата од цигари и запалката, односно од негова страна е потврдено дека се нејзини, додека за џемперот се изјаснил дека не е нејзин. Исто така, од страна на полициски службеници од СВР Скопје извршени се обиколки по течението на реката Вардар, заедно со граѓани и роднини на исчезнатата“, велат од МВР.

Полицијата користи и дрон во потрагата, со кој ги надлетувала бреговите на Вардар во должина од речиси пет километри кон југ, се до селото Огњанци. Била пребарана пошироката околина и напуштените објекти во овој реон. Потрагата, велат од МВР, продолжува интензивно и денеска, се до пронаоѓањето на исчезнатата жена.

 

Фотографиите од Трајковска, објавени од семејството, се пренесуваат на социјалните мрежи, со информации каде и како граѓаните да пријават ако ја забележат.