МВР со детали за пукањето во гаражите на „Ист Гејт“, од молот велат продолжуваат нормално со работа


Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека е пукано кон Р.Т. (39) од Скопје во гаражите на трговскиот центар „Ист Гејт“, но дека нема повредени лица.

– На 25.08.2023 околу 15:50 ч. во СВР Скопје е добиена пријава дека во гаражите на трговски центар во Скопје едно лице кое било со патничко возило „ауди“, пукало кон Р.Т. (39) од Скопје, но не го погодило. Во возилото, според пријавеното, имало уште едно лице. Повредени лица нема, велат од МВР.

Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„Ист Гејт Мол“ во врска со инцидентот што се случи денеска околу 16 часот во гаражите на трговскиот центар, ја информира јавноста дека согласно утврдените безбедносни сценарија и протоколи за работа обезбедени се сите потребни мерки трговскиот центар да продолжи нормално со работа.

-Согласно информациите со кој располагаме во моментов, се работи за изолиран инцидент и не е поврзан со општата безбедност на посетители во трговскиот центар. Увидот на надлежните служби веќе е завршен и трговскиот центар продолжува да работи со редовниот режим на работа. Во трговскиот центар функционираат повеќе системи со кои се осигурува безбедноста на посетителите вклучувајќи и постојано физичко обезбедување и мониторинг и е целосно безбеден за посетителите, наведуваат од „Ист Гејт Мол“.