МВР: Полицајката Ангелеска е на одмор и нема дадено отказ


Службеничката во МВР, Јасмина Ангелеска , во моментот користи годишен одмор и до Одделот за правни работи на БЈБ досега не е стигнато барање за прекин на работниот однос, велат од Министерството за внтрешни работи по Фејсбук објавата на полицијакта која на јавноста и е позната по инцидентот со пајак службата, поконкретно со недоразбирањето со функционерот на ДУИ, Бекир Асани, одлучи да се повлече од позицијата.

„Во врска со објавата на Ј. А. на социјалните мрежи, Ве известуваме дека истата во моментот користи годишен одмор и до Одделот за правни работи на БЈБ досега не е стигнато барање за прекин на работниот однос. Во Одделот за внатрешна контрола и професионални истраги од Ј.А. до сега не е пристигната претставка ниту пријава за вршење на мобинг на работното место.Како и секој граѓанин така и Ј.А доколку смета дека и се повредени правата од работниот однос или друг вид на незаконито и непрофесионално постапување на било кој полициски службеник случајот може да го пријави во Одделот за внатрешна контрола“, соопштија од МВР.

Ангелеска во својот статус обвини за нестручно работење на шефовите.

-Со години покажуваат сила врз работниците и професионалците на штета на МВР а како што пишав хранејќи си го гладното, мизерно его, а во МВР е хаос во секој поглед и во секој сектор од повисоките кругови. За жал, и тие некои што сакавме да работиме не нѝ дозволија, секоја наша постапка законска и секој успех беше дали ќе ми се одрази во кариерата или во најмала рака дали ќе ме пратат на дисциплинска каде повеќе од виш инспектор не седнал таму, зошто другите не грешат,”писмени се”? А и тие на таа дисциплинска се началници и старешини, судот на МВР. Кога ќе видиш, истиот те тужи, истиот ти суди. Тој систем повеќе не можам да го поднесам каде што дојде време на криминалците и лигушите-со исклучок на малкуте. Не е голема работа дека јас сум си заминала, сè ќе биде исто и без мене, сè ќе функционира како и да не сум работела никогаш таму, ама друго ме плаши, самото незадоволство од сите вработени во министерството кои вложуваат, постапуваат, работат и ги казнуваат или пред нив се случуваат неправди благодарение на политиката и системот во државата и незадоволството ,недовербата на граѓаните од полицијата. Дојде ред да си заминеш од онаму каде сè ти е познато, каде се твоите намили, каде си стварал, каде си се родил за да одиш некаде само затоа што трудот и работата се гледа и цени. На сите колеги им посакувам успешна кариера и многу од нив ќе ми недостасуваат. Господ да е секогаш и секаде со вас и да ве штити, па се гледаме во подобри времиња, напиша Ангелеска.