МВР изнесе детали за запленетите 200 килограми марихуана
Приведени се шест лица од криминалната група која шверцувала 200 килограми дрога во комбе. Од МВР информираа дека во акцијата за разбивање на криминална група дел од приведените лица учествувале директно во транспортот на дрогата, а дел биле затекнати на други локации како организатори. Комбето со 200 килограми марихуана било запрено кај село Раец на патот Прилеп – Росоман. Во него била спакувана поголема количина дрога.
„Дрогата била спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Лицата се лишени од слобода и од извршеното вештачење на пронајдената дрога е утврдено дека станува збор за марихуана во вкупна количина од околу 200 килограми“, изјавија од полицијата.
Полицијата извршила претреси кај осомничените и кај дел од нив биле пронајдени дрога, оружје и пари. Едно од лицата кај кого се пронајдени пари е командир од полициската станица Прилеп. Од МВР не откриваат од каде потекнува марихуаната, но информираат дека се прават проверки во две фабрики за производство на медицински канабис.
„По наредба на јавен обвинител и добиена наредба од судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал А.У.“, соопштија од полицијата.
Опозицијата пак обвини и прашува дали возилото во кое е пронајдена дрогата е во сопственост на фамилијата на премиерот Заев.
Дека во оваа акција учествувала и американската ДЕА, потврдија од Амбасадата на САД во земјава. За лицата е побарана мерка притвор за што ќе одлучува судија на претходна постапка. МВР продолжува со истрагата за идентификување на други лица кои учествувале во шверцот на дрога.