Музејот на современа уметност доби високо признание во Словенија


 

Музејот на современата уметност од Скопје го доби престижното Специјално признание за креативност како кандидат од Македонија во рамките на доделувањето на наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј, што ја доделува Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“ со седиште во Љубљана, Словенија.

На свечената церемонија на доделувањето на наградите, која се одржа синоќа во Посавскиот музеј во Брежице, а Словенија, присуствуваа многубројни гости и делегации од музеите кандидати. Во името на МСУ, признанието го прими националниот претставник на земјава во „Форумот на словенски култури“, Гордан Николов.

За Музејот на современата уметност, жири-комисијата во образложението за доделување на признанието истакна дека во последниве години овој водечки музеј и прв во областа посветен на модерната и современата уметност стана влијателна институција која негува креативност и соработка во интеркултурниот дијалог и дома и во странство.

„Музејот успеа да создаде културна платформа за уметничка современа продукција – национална и меѓународна, промоција и истражување на сегашноста и идентитети кои служат за обележување на промените во времето“, се наведува во образложението.

Добитник на наградата за најдобар словенски музеј ја доби Градскиот музеј во Вировитица, Хрватска, а беа доделени ушете неколку други признанија.

Фондацијата „Форум на словенските култури“ е меѓународна организација основана во 2004 година на иницијатива од Словенија.