Муслиу: Назначен сум од Пендаровски зад кого застана и ДУИ


Новиот директор на Агенцијата за разузнавање Ерол Муслиу во изјава за Аласат-М вели дека не може да ги коментира забелешките од ДУИ за неговото назначување од страна на претседателот Стево Пендаровски.

Муслиу објасни дека потребно е да се почека одлуката да излезе во „Службен весник“ и неговата директорска функција да се официјализира.

– Не можам да дадам изјава сѐ додека не видам дека одлуката за мое именување, директор на Агенцијата за разузнавање е излезена во „Службен весник“. Нема проблем, од понеделник ви стојам на располагање, изјави Муслиу.

Вели дека на е запознаен со денешната изјава на вицепремиерот Бујар Османи дека ДУИ не се согласува со одлуката да биде поставен на оваа функција.

– Не сум ја прочитал таа изјава на вицепремиерот Бујар Османи, меѓутоа вчера слушнавте, имаше став и од претседателот, јас сум именуван од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, рече Муслиу.

Прашан за коментир на изјавите на ДУИ, Муслиу одговори; „не знам кој е ставот на политичката партија ДУИ, но колку што знам тие се заедно во влада со СДСМ, односно го поддржаа претседателот Стево Пендаровски“.