Муртезани негира дека Владата го блокира патот кон ЕУ

Коалицијата „Вреди“ ја прифати целосно реториката на ВМРО-ДПМНЕ: уставни измени ќе има кога ќе се добијат гаранции дека нема да има ново вето од Бугарија


Министерот за европски прашања Орхан Муртезани (Фото: Б. Грданоски)

 

Сериозно работиме за надминување на проблемот со нашите европски интеграции, а уставни измени ќе има кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија и кога ќе изнајдеме решение кое ќе го гарантира завршетокот на овој процесот, порача денеска министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската унија, Орхан Муртезани.

„И на македонски јазик имам изјавено дека никогаш не сум велел дека ќе излеземе од Владата ако нема уставни измени на крајот од годината. Кога ја формиравме Владата не го направивме тоа со една нога надвор, а со една внатре и не со уцени дека ќе ја напуштаме Владата“, рече Муртезани во одговор на прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Тој нагласи дека не држи ставот дека новата влада го блокирала патот кон Европската унија.

„Тоа е како вие да сте ги отвориле сите поглавја и сега ние сме тие што го саботираме овој процес што не е вистина. Има само разлика во пристапот кој ние го имаме од она што е направено досега. Ние не се служиме со ПР како вие, туку велиме дека ќе се обидеме да изнајдеме решение“, рече Муртезани.

Дека новата влада работи на изнаоѓање на решение, како што кажа, имаат потврдено сите европски и американски претставници кои ја посетиле земјава.

„Владата не работи само декларативно, туку работи сериозно за надминување на проблемот. Не е значајно колку месеци ќе трае тоа. Кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија тогаш уставните измени ќе дојдат пред вас во Собранието и ќе бидат само техничко прашање за да осигураме 80 пратеници“, потенцира Муртезани. 

На истата тема изјава даде и спикерот на парламентот Африм Гаши, според кого треба да има  политички договор за тоа кога ќе почне процедурата за уставните измени.

„Процедурата за уставни измени е пропишана во Уставот и во Деловникот. Секој кој ги исполнува условите може да покрене иницијатива. Но, ние како парламентарно мнозинство мислиме дека треба да има политичка волја и политички договор за тоа кога ќе почне процедурата да биде спроведена. Знаете дека уставни измени се случуваат кога за тоа гласаат две третини од нашето Собрание и ние кога ќе сме сигурни дека тоа ќе биде прифатено од мнозинството на пратеници во нашето Собрание, тогаш ќе ја почнеме процедурата. Во друг случај, не можеме никому да забраниме, но мислиме дека не е добро да се експериментира со такви постапки“, рече Гаши.

Прашан дали пропаѓа преизборното ветување на „Вреди“ за уставни измени до Нова година, Гаши одговори дека не се сеќава оти во програмата на „Вреди“ било напишано такво нешто.

„Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата. Секако дека имаше такви изјави. Знаете дека тоа е комплексно прашање и не зависи од еден политички сегмент, треба да гласаат две третини од Собранието. Како што знаете, Коалицијата ‘Вреди’ и сите нејзини пратеници стојат зад тоа и ако би дошле на дневен ред, ние би ги гласале и денеска. Но, мислиме дека треба заеднички да се договориме кога е тоа најдобро за државата и за сите граѓани. Правиме максимални напори како парламентарно мнозинство да ги донесеме уставните измени кога ќе биде најдобро за нашата држава, кога има политички договор околу тоа и кога ќе бидеме убедени дека имаме предвидливост во процесот. Тоа значи, дека нема да имаме повторно вето за три месеци, за шест месеци итн“, рече тој.

Гаши потенцира дека се обидува колку што може да се апстрахира од политичките агенди на политичките партии, одговарајќи на прашање колку се доведува во прашање учеството на „Вреди“ во Владата откако претходно претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари кажа дека коалициските партнери од коалицијата треба да седнат и да разговараат околку ова прашање.

„Неколку пати сум напоменал, ќе повторам, се обидувам да се апстрахирам колку што можам од политичките агенди на политичките партии, вклучително и од мојата коалиција од каде што доаѓам и припаѓам. Така што, не би коментирал такви политички изјави. Се обидувам да ја извршувам мојата функција совесно, законски и уставно. Значи, во тоа својство кога и да има иницијатива, јас ќе ја почнам и ќе ја ставам на дневен ред. Очекувам да биде успешна кога ќе има политички договор и услови за тоа да се изврши“, рече Гаши. (Н.В.)