Муртезани на настан за поголема заштита на европските пари
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/муртезани-1.webp)
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска го отвори настанот „Заштита на јавните финансиски интереси на инфраструктурни проекти финансирани од ЕУ“, што се одржува во Маврово во организација на УНОПС. Во своето обраќање, Муртезани ја нагласи клучната улога на довербата во институциите, владеењето на правото и одговорното управување со јавните финансии, соопшти Министерството за европски прашања.
– Довербата не се дава, таа мора да се стекне и да се заштити преку транспарентност, отчетност и непоколеблив интегритет. Затоа сме денес овде, истакна Муртезани.
Тој ја потенцираше важноста на соработката меѓу институциите за да се осигури дека инфраструктурните проекти финансирани од ЕУ се реализираат со највисоки стандарди на интегритет.
– Со одобрувањето на нашата реформска агенда, Северна Македонија доби пристап до над 750 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст на ЕУ – значајна можност, која истовремено бара строг финансиски надзор. Европската комисија јасно стави до знаење: напредокот во борбата против корупцијата не е опција – тоа е неопходност, нагласи министерот.
Муртезани подвлече дека инфраструктурните проекти се од витално значење за развојот на државата, но без силни антикорупциски механизми, тие ризикуваат да станат симбол на изгубен потенцијал.
Посочи дека во тој контекст, Министерството за европски прашања останува посветено на зајакнување на институционалната соработка, финансискиот надзор и пристапот со нулта толеранција кон корупцијата.
– Нашиот пат кон Европската Унија е, пред сè, пат на доверба. Изборите што ги правиме денес ќе ја дефинираат нашата иднина. Мораме да се погрижиме дека нашето наследство е кредибилитет, отпорност и добро владеење, заклучи министерот.
На настанот присуствуваат претставници на Владата, Европската Унија, домашните институции, како и меѓународни експерти од областа на финансискиот надзор и управувањето со јавните средства.