Мултимедијален концерт во чест на Јохан Штраус на „Есенски музички свечености“


Во рамки на 25. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“, денеска во Салон 19 19 при Културниот информативен центар ќе се одржи мултимедијален концерт насловен „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм Веселата војна“ во изведба на Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска, 

Концертот на гудачкиот квартет е уникатен спој на класична музика и нем филм, изведувајќи музика од „кралот на валцерот“ – Јохан Штраус, додека на платното ќе се прикажува филмот „Веселата војна“ на режисерот Роберт Вине.

Настанот е омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација за кинематографијата. Повод за концертот е одбележувањето на 200 години од раѓањето на славниот композитор, како и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.

Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска, дел од Здружението Пламенка Трајковска – МКС, Скопје, е еден од водечките камерни ансамбли во земјата, познат по спојувањето на класичната традиција со современиот израз, фолклорот и кросоверот. Настапуваат на значајни културни сцени во Македонија и Европа, носејќи енергија, емоција и уметничка прецизност.