Муцунски во МНР, Тошковски во МВР… Ова се предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за министри во новата Влада

Како што посочи Мицкоски, предлогот во вторник, заедно со програмата на Владата ќе биде доставен во Собранието, а гласањето очекува да биде следниот викенд, односно на 22 - 23 јуни


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски, вечерва ги соопшти 15-те предлози на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ за министри во новата Влада. Претходно за нив добил едногласна поддршка од Извршниот и Централниот комитет на партијата, на седници одржани вечерва. Тој додаде дека идната влада ќе ја сочинуваат Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ за наша Македонија. 

  • За Заменик Заменик претседател на Владата и министер за транспорт: Александар Николовски, пратеник во повеќе мандати и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
  • За Министер за одбрана: Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник и поранешен министер за транспорт и врски и поранешен државен секретар во МНР.
  • За Министер за финансии: Гордана Димитриеска Кочовска, искуство од областа на финансиите и макроекономското работење и соработник на Мицкоски од Електрани на Македонија.
  • За Министер за надворешни работи и надворешна трговија: Тимчо Муцунски, актуелен градоначалник на Општина Аеродром и професор на Правниот факултет, поранешен пратеник и заменик министер за информатичко општество.
  • За Министер за локална самоуправа: Златко Перински, го водел кабинетот на Мицкоски, и Скопски водовод.
  • За Министер за информатичко општество и дигитална трансформација: Стефан Андоновски, сегашен дополнителен заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација.
  • За Министер за спорт – Борко Ристовски, познат ракометар.
  • За Министер за енергетика рударство и минерални суровини: Сања Божиновска, актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и експерт во енергетиката, со искуство во големи компании во пазарот за енергија.
  • За Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство: Цветан Трипуновски
    За Министер за култура и туризам: Зоран Љутков, познат актер.
  • За Министер за внатрешни работи: Панче Тошковски, сегашен министер во МВР во техничката влада.
  • За Министер за образование и наука: Весна Јаневска, професорка која ја водеше Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.
  • За Заменик претседател на Владата за политички систем: Љупчо Димовски, Претседател на Социјалистичката партија. 
  • За Заменик претседател на Валдата и министер за односи меѓу заедниците: Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.
  • За Министер без ресор: Шабан Залиу кој ќе биде одговорен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите.

Како што посочи Мицкоски, предлогот во вторник, заедно со програмата за работа на Владата ќе биде доставен во Собранието, а гласањето за новата Влада очекува да биде следниот викенд, односно на 22 – 23 јуни.

„Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно не чека многу работа. Мора да ги засукаме ракавите од првиот ден бидејќи состојбите се очајни“, рече Мицкоски, истакнувајќи дека при изборот на кадровскиот потенцијал се водел од принципите за чесност и посветеност кои целосно ќе се вложат во реализација на зацртаните цели.

Тој најави реализација на првите проекти веќе од првиот ден на работа на Владата.
„Сега треба да испорачаме проекти и решенија и да ја вратиме Македонија на народот. 
Ова ќе биде Влада за тебе, а работа за сите нас“, рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека Генералниот секретар на Владата ќе биде предлог од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека привршуваат преговорите со коалициските партнери за другите ешалони.