Муцунски: Собранието не треба да биде вакво
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски го впери прстот во СДСМ и ДУИ како одговорни што вчера во Собранието не беа усвоени новите економски мерки што очајно ги чекаат загрозените вработени и фирми. Тој виде срам во целата ситуација, но не и во неговата партија која, и покрај најавите за конструктивност, продолжува да ја блокира работата на парламентот, сакајќи да избира на која седница да присуствува а на која не.
„Пратениците се делегирани во Собранието да работат за граѓаните и да нудат решенија, а не да прават непотребен политички спектакал и театар. Претседателот на Собранието и мнозинството по секоја цена синоќа не дозволуваа да се оддржи седница за петиот пакет економски мерки. Седницата упорно не ја отвораа, точките упорно не ги ставаа на дневен ред“, изјави Муцунски.
Тој оцени дка во овој момент нема побитен закон и поголем приоритет од економските мерки.
„Затоа е апсолутно нејасно зошто синоќа се правеше се за да не се отвори таква седница. Слушнавме само изговори но ниту една причина не беше поврзана со деловникот на Собранието. Синоќа не слушнавме ниту еден разумен аргумент зошто не се отвори седницата со петиот пакет мерки. Услови за таква седница има, и време е таа седница конечно да се закаже и оддржи“, рече тој.
Според негова оценка, срамно е Собранието да не покаже капацитет да ги решава проблемите.
„Собранието не смее да биде вакво. Собранието не смее да има ваков однос спрема граѓаните и компаниите. Собранието не смее да остане заглавено во дневната политика на штета на граѓаните и компаниите кои сеуште ја чекаат насушно потребната економска помош“, рече тој. Потоа, понуди во име на пратеничката група можно решение.
„Седница за економските мерки денес во 17 часот, во сабота во 12 часот, во недела во 12 часот. Седница во било кој друг термин кој ќе ги задоволи желбите на претседателот на Собранието. На таа седница ќе биде присутна пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството нека обезбеди само 20 пратеници, не мора повеќе, и мерките ќе се донесат. Уште еднаш повторувам дека нашата пратеничка група бараше оваа помош да биде неповратна, а истовремено уште сега да изгласаме ваква помош покрај за февруари и март, и за април и мај. Целта, меѓу другото, е повторно да не ги ставаме компаниите и граѓаните во исчекување. Време е Собранието да покаже одговорност, пратениците да си ја заслужат платата. Време е, уште денес, да се изгласа петтиот сет мерки“, додаде тој, земајќи му ги зборовите на Талат Џафери „од уста“.