Муцунски планира да ја затвoри „Дупка“ во Ново Лисиче – тоа може да го чини мандат
Популарната „Дупка“ во Ново Лисиче ќе биде затворен спортски центар.
Планираме сали за кино и театар, фитнес центар со најнова опрема и нови спортски содржини во „Спортскиот центар Ново Лисиче“.
На овој начин, жителите ќе добијат современо и модерно место за спортски, но и за културни настани.
Време е за промени и модернизација. Време е да создадеме нова иднина!
Со ваква идеја и промотивен спот кандидатот за градоначалник на Општина Аеродорм Тимчо Муцунски, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги добие гласовите на новолисичани.
Според коментарите под промотивниот спот што се појавува на Фејсбук, малку се коментарите за поддршка. Многумина му порачуваат да не се осмелува да го реализира ова ветување, ако победи на локалните избори што треба да се оджат на 17 октомври.
„Мое мислење не би требало има многу затворени убаво е да се изреновира од темел али отворена…“, му сугерира еден жител на Ново Лисиче.
Друг вели: „Далечната 1999 година тогашниот премиер сакаше да го направи истово и да ја затвори дупка, ама багерите сол беа направени, бидејќи цела населба во Ново Лисиче се крена на нозе. Прв што удри по багерот беше Ивица Коневски како тогашен млад активист.“
Понатаму во коментарите може да се прочита: „Добра е идејата за кино и театар, ама затворање на дупка не доаѓа предвид. Правете на друго место, старите одржувајте ги!“
„За што да ја затвориш Дупка, за после и таму да се рентаат термини за пари? Дупка е замислена и направена за бесплатно спортско игралиште уште кога ти не си бил роден.
Дупка била и ќе остане отворено и бесплатно спортско игралиште за сите деца и богати и сиромашни“.
Инаку, на оваа локација секоја година се одржува турнир во мал фудбал со тимови од повеќе места. На истото место повеќепати се организира културниот настан „Гола Месечина“ каде жителите имаат можност на отворено и бесплатно да гледаат десетина театарски претстави.
Од друга страна, секојдневно на „Дупка“ играат деца, од најразлични возрасти. Само земаат топка и играат фудбал, затоа што има голови, но и кошви, па се игра баскет.
Кога ќе наврне снег, децата со санки се спуштаат по пристапната рампа.
Ако се затвори „Дупка’, ништо од ова нема да може да се реализира како до сега.