Муцунски планира да ги реновира сите училишта во Аеродром и да изгради 4 градинки во Лисиче


Ако се работи чесно, пари за големи проекти во општината има, смета кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, при што кажа дека планира изградба на четири нови градинки, како и реновирање на сите училишта.

Муцунски, исто така, најави и изградба на уште четири нови градинки во Лисиче, со цел да се задоволат потребите на граѓаните од овој дел на општината.

„Ние како политичка партија, планираме реновирање, не само на едно основно училиште, како што ветува СДСМ, туку на сите основни училишта. Не две градинки само во овој дел од општината, туку и градинки во Лисиче. Четири нови градинки се потребни таму”, истакна Муцунски.

Тој истакна дека пари за реализација на овие капитални проекти има ако се работи чесно и ако не се краде, затоа што Општина Аеродром е општина со 20 милиони евра буџет, од кои пет се за капитални проекти.

„Општина Аеродром има 20 милиони евра буџет, од кој што околу пет милиони евра се за капитални инвестиции. Од каде средствата? Доколку се работи чесно, доколку се работи искрено, доколку не се краде може сето тоа да се реализира”, порача Муцунски.

Муцунски истакна дека неговата програма е амбициозна и реална, при што предвидува во општината на има зелени ѕидови, односно сите институции и јавни објекти ќе имаат зелени ѕидови кои ќе помогнат, сега загушената повторно да стане чиста општина Аеродром.

„Во општина Аеродром ќе има зелени ѕидови, не како оној позади камерите кој што се исушил, туку зелени ѕидови на сите институции, на сите јавни објекти, кои тековно ќе се одржуваат, кои ќе помогнат оваа загушена општина да стане повторно чиста општина. Работиме со план, со проект и денес заедно со потпретседателот се среќаваме со огромен број граѓани, претставници на деловната заедница бидејќи знаеме дека развој е возможен, доколку работите чесно, доколку работите со искрена намера”, рече кандидатот за градоначалник, Тимчо Муцунски.