Муцунски не знае зошто е казнет од Арсовска


 

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, се чуди зошто заработи казна за неправилно одлагање отпад кај ФФМ од Град Скопје, за фирма што според него работи за неколку клиенти. 

Имено, утрово Инспекторатотза животна средина, изрече казна од 88.000 евра за општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски  поради исфрлање на отпад на јавна површина со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните. Односно, како што тврдат од таму, општина Аеродром преку компанијата „Пирамид билдинг“ ангажирана на тендер, наместо на предвидената локација во ЈП „Дрисла” го исфрлала општинскиот отпад на зелена површина во парк во близина на управната зграда на ФФМ на бул.„АСНОМ“ со што направиле нова дива депонија. 

„Се чудам зошто јас сум казнет за нешто што го прави приватна фирма, која патем, е ангажирана од повеќе субјекти. Во текот на вчерашниот ден работеа само општинските служби и никакво одлагање отпад не е направено на таа локација“, вели Муцунски во изјава за „Независен“. Тој појаснува дека со фирмата имаат договор и таа фирма извршува работи за општината, но дека тој како градоначалник и општината не може да бидат казнети. 

„Не знам дали инспекторите фатиле некого таму да истура ѓубре, но по налог на општината сигурно не е“, додава Муцунски. 

Тој најави дека ќе се жали на оваа одлука на градот.

„По нејзин (на Арсовска) налог извршителите во градот Скопје добија насока да изречат монтирана и целосно неточна прекршочна санкција за Општина Аеродром. Наводите наведени во денешната информација доставена во медиумите, се целосна лага, смислена во центарот за креирање лажни вести и фејк кризи лоциран во бараките на Град Скопје“, велат од Општината.

„Потенцираме дека, до овој момент до Општина Аеродром нема стигнато никаква документација поврзана со наводите наведени во соопштението до медиумите.  По евентуалното добивањето на документацијата поврзана со санкцијата, фактот дека таа е целосно неточна ќе го докажеме во соодветна законска постапка пред надлежните институции. Воедно, не ја исклучуваме можност за поведување кривична постапка до инспекторите кои изрекле ваква незаконска санкција, како и до сите одговорни лица во градот Скопје, вклучувајќи ја градоначалничката Арсовска“, додаваат од Општина Аеродром.

На Арсовска пак, ѝ порачуваат наместо да се занимава со наместени, паушални и конструирани постапки со кои дополнително си го намалува рејтингот приближен до „нула“ , пополезно ќе биде да посвети на проектите кои ги ветуваше пред граѓаните, како гимназијата во Аеродром, Мега паркот зад ФФМ и Иновацискиот парк зад кулите на Џевахир.