Муцунски на средба со македонската дијаспора во Швајцарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој престојува во неколкудневна работна посета на Швајцарија, синоќа во Женева имаше средба со претставници на македонската дијаспора.
– Посебна чест ми беше, на првиот ден од работната посета на Женева, заедно со бројната македонска дијаспора, да го одбележиме Денот на независноста – 8 Септември. Во обраќањето го нагласив значењето на македонската дијаспора како мост помеѓу двете земји – поттикнувач на поблиски културни и економски врски, но и како чувар на идентитетот и вредностите на нашата земја. Изразив благодарност за сите иницијативи, проекти и активности што произлегуваат од македонската заедница во Швајцарија и ја потврдив решеноста на Владата, институционално и преку конкретни мерки, да ја унапреди врската со Македонците ширум светот, објави Муцунски на Фејсбук.
Шефот на дипломатијата за време на пестојот во Швајцарија, ќе учествува и ќе се обрати на Самитот на млади лидери, во организација на Светскиот економски форум, што се одржува во Женева.
Муцунски треба да го отвори Почесниот конзулат на Република Северна Македонија во Женева, а предвидени се и билатерални средби со генералниот директор на Светската трговска организација, со заменикот висок комесар за човекови права, со директорот на Женевскиот центар за безбедносни политики, како и со специјалниот известувач за малцински прашања при Советот за човекови права на Обединетите Нации.