Мрежата за заштита од дискриминација бара стручно лице за Народен правобранител

Собранието распиша оглас за избор на нов Народен правобранител, а заинтересираните кандидати може да се пријават до 26 јули. Мрежата за заштита од дискриминација бара на оваа важна функција да биде избрано стручно и независно лице, кое ќе работи во интерес на граѓаните и ќе обезбеди ефикасна заштита на нивните права.
„Потребна е силна, независна и непристрасна институција Народен правобранител – не само за унапредување на правата на граѓаните, туку и за исполнување на клучните европски стандарди во владеењето на правото“, посочуваат од Мрежата, повикувајќи се на препораките од Агенцијата за темелни права на ЕУ и на Европската комисија.
Од таму потсетуваат дека транспарентноста на процесот и назначувањето врз основа на заслуги се клучни за легитимитетот и функционалноста на оваа институција. Потсетуваат дека изборот на партиски кадар ќе претставува директно нарушување на уставната определба за независност на Народниот правобранител.
Мрежата нагласува дека кандидатот мора да биде државјанин на Северна Македонија, дипломиран правник со најмалку девет години искуство во правни работи и докажана активност во областа на човековите права.
„Апелираме до сите пратеници и парламентарни партии да се воздржат од партиски договори и притисоци и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес. Ова не смее да биде уште една институција во која ќе се вработуваат партиски кадри“, порачуваат од Мрежата.
Тие уште еднаш ги повикаа политичките партии да поддржат непартиски кандидат и да покажат вистинска грижа за заштитата на граѓанските права.