МПО појаснува: Постои етнички македонски идентитет и бугарски македонски идентитет

За МПО „Македонец“ е староседелец или потомок од која било етничка група во историските и географските граници на Македонија


 

Претседателот на Македонската патриотска организација (МПО) од Северна Америка, Метју Стефанов, во писмо до „Независен“ појаснува некои од ставовите за кои расправаше новото раководство на организацијата избрано на конвенцијата одржана во Колумбус, Охајо, од 1 до 3 септември. Ова појаснување на Стефанов се однесува на текстот „МПО ќе се бори ‘сите етнички Македонци да бидат обединети’“, објавен во „Независен“ на 11 септември 2023 година.

Во својата реакција Стефанов (избран на конвенцијата во Колумбус) повторува некои од старите премиси на МПО од времето кога што е создадена, во 1922, според кои со децении во македонската јавност организацијата се сметаше за истурен огранок на интересите на Софија. Во реакцијата на Стефанов има и некои посовремени согледувања, како тоа дека има етнички македонски идентитет и бугарски македонски идентитет, но дека тоа било „заедничко македонско наследство“.

Во рекацијата претседателот на МПО, Метју Стефанов, меѓу другото, го пишува и ова:

„Имајте предвид дека:

1 – МПО е основана во 1922 година за да служи како прекуокеански огранок на историската Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) и со децении беше факелот во борбата за слобода на Македонија. МПО го прифати слоганот на ВМРО ‘Македонија на Македонците’ и го промовираше концептот на независна македонска држава која гарантира права и слободи за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката или верската припадност.

2 – МПО е основана од патриотски македонски бугарски иселеници во Северна Америка за доброто на сите Македонци, без разлика на етничката и верската припадност. Денес МПО ги обединува и етничките Македонци и македонските Бугари – како и сите други кои се сметаат себеси за Македонци на овој или оној начин, за меѓусебно да ја признаат и уживаат нашата заедничка македонска култура и наследство.

3 – За МПО, ‘Македонец’ е староседелец или потомок од која било етничка група во историските и географските граници на Македонија. Обединувачки фактори се нашата заедничка македонска свест и идеалот за слобода, човекови права и слободи за сите Македонци.

4 – Современата МПО е организација со седиште во САД која продолжува да работи независно од која било влада или земја, обединувајќи ги сите луѓе со македонско наследство и славејќи, промовирајќи и унапредувајќи ја нашата заедничка култура, обичаи и традиции. Продолжува да работи за човекови, граѓански и економски права на сите Македонци ширум светот и за културен и социјален раст на нашата младина.

МПО смета дека зад сите манифестации на современото македонско прашање се крие една единствена причина – политиката на исклучување. Исклучување од правото да се нарекувате македонски Бугарин или етнички Македонец без страв од осуда и/или прогон и исклучување од правото да го уживаме нашето заедничко македонско наследство како еднакви.

Затоа, овој Централен комитет на МПО е посветен да ги насочи сите свои напори за да помогне во трасирањето на патот кон помирување и другарство меѓу Македонците на Балканот, давајќи го тој пример во работата со пошироките македонски заедници во Северна Америка. Имено, МПО цврсто ги прифаќа и етничкиот македонски идентитет и бугарскиот македонски идентитет како реалност и отворено ги поддржува“.

МПО ќе се бори „сите етнички Македонци да бидат обединети“