МПЦ вели дека нема да има говор на омраза на протестот в четврток

Нашата држава е најтолератна кон ЛГБТИ заедницата,овие закони ќе го загрозат нашето право на вероисповест, рече отец Јаков стобиски


 

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска преку прес-конференција уште еднаш повика на сенароден протест против законите за родова еднаквост и за матична евиденција, кој треба да се оддржи в четврток на 29 јуни.

Како што изјави отецот Јаков стобиски, овој собир не е насочен против никого, туку против содржината на предлог-законите.

„Ние објаснивме дека експлицитно изразуваме протест против новиот контекст на поимот род, односно дека се злоупотребува на уште поексплицитен начин во предлог-законот за матична евиденција. Предвидува промена на полот при изјава која што би се базирала на субјективни и индивидуални чувства на поединецот“, кажа отецот.

Стобиски уште еднаш го повика народот за масовно присуство заради, како што вели, тоа што изразот на црквата сосема погрешно се интерпретира во јавноста.

„Црквата е жив организам составен од конкретни луѓе – заедница која има вредносен систем. Сметаме дека овие закони ќе го загрозат нашето право на вероисповест заради тоа што ќе се редефенира целото општество и ќе се ограничи слободата на говор, со членот за родово-сензитивниот јазик. Би сакал да кажам дека како Црква се огрaдуваме од било каква злоупотреба во некакви свои цели. Не поддржуваме говор на омраза, ниту скандирања и повикуваме на мирни протести. Нашето присуство ќе значи дека не се согласуваме со вакви предлог-решенија“, рече отец Јаков на брифинг со новинарите.

„Во однос на правата на ЛГБТИ популацијата, нашата држава е една од најтолерантната кон таа заедница. Дали сте забележеале протести или попречување од Црквата? Видовме успешна парада, како што ретко има во соседството. Во однос на парадата, тоа се исти луѓе од невладини организации кои што се платени под плаштот на борба за човекови права. Тие паради се злоупотребуваат да се испратат пораки на омраза кон Црквата. Никој нема право да биде линчуван, да биде осудуван или осрамотуван заради свој став или начин на живот. Слободата е неприкосновено право и најголемиот дар кој што Бог му го дал на човекот – тоа е менталитетот на Цркват“а, додаде отецот како одговор на новинарско прашање.