Можна ли е „граѓанска војна“ во Израел?

Претседателот Исак Херцог предупредува на „пропаста на растојание од допир“ поради големата поделба во државата околу судските реформи што ги турка крајнодесничарската влада на Нетанјаху


Секојдневни протести во Израел

 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху набрзина го отфрли предложениот компромис од претседателот Исак Херцог, чија цел беше да се реши ќор-сокакот околу планираниот ремонт на судството од страна на екстремно десничарската коалиција на Нетанјаху, што предизвика масовни протести во последните неколку недели.

Херцог го откри предлогот за време на вечерното телевизиско обраќање, предупредувајќи: „Секој што мисли дека вистинската граѓанска војна, на човечкиот живот, е линија до која нема да стигнеме, нема идеја“. Тој додаде: „Пропаста е на растојание од допир“.

Но, Нетанјаху брзо го одби. „За жал, работите што ги претстави претседателот не беа прифатени од коалициските претставници“, рече Нетанјаху на главниот меѓународен аеродром во Израел пред да замине за Германија. „И централните елементи на предлогот што тој го понуди само ја овековечуваат сегашната ситуација и не ја носат потребната рамнотежа меѓу гранките. Тоа е несреќната вистина“.

Напорот на тврдодесничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху да донесе големи промени во судовите на Израел, предизвика домашна врева и тревога кај западните сојузници на земјата. Доколку првичниот предлог помине, тоа би значело поголема владина контрола при изборот на судии и ограничување на моќта на врховниот суд да го укине законодавството.

Главна точка на спор во планираниот ремонт е измена на начинот на кој се избираат судиите. Во планот на претседателот, во комисијата за избор ќе бидат вклучени тројца министри, претседателот на високиот суд, двајца судии и двајца државни службеници, за кои ќе се договорат и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.

Министерот за правда, Јарив Левин, рече дека предложените мерки на коалицијата ќе го променат начинот на кој се назначуваат судиите со тоа што ќе му дадат поголем надзор на Кнесетот и на владата повеќе овластувања во комисијата што ги избира.

Претседателот во средата предупреди дека Израел е на пресврт и нагласи дека со недели учествувал во напорите за посредување и разговарал со „илјадници луѓе“.

Херцог рече дека Израел е „во длабочините на вистинска криза“, но исто така и „пред огромна можност“.

„Повеќето Израелци сакаат план кој ќе донесе и правда и мир“, рече тој.

Секретарот на владата, Јоси Фукс, на Твитер потврди дека коалицијата не го поддржува планот на претседателот. „Планот на претседателот е едностран на претседателот и не е договорен од ниту еден член на коалицијата“, рече тој.

Израелскиот претседател, чија улога е главно церемонијална, води разговори во последниве недели во обид да постигне компромис меѓу членовите на коалицијата и оние кои се противат на судските промени, но не потврди дека има поддршка за планот од законодавците .

Нетанјаху има парламентарно мнозинство заедно со неговите сојузници од верско-националистичката коалиција.

Израелскиот премиер рече дека го скратува планираното патување во Берлин. Прелиминарната агенда што циркулираше минатата недела рече дека ќе се врати во петок. Но, во новата изјава се вели дека тој ќе се врати во четврток.

Нетанјаху, исто така, го одложи летот за Берлин додека разговараше со членовите на коалицијата за можни измени на планираните судски промени, објавија неколку хебрејски медиуми.

Стотици демонстранти пристигнаа на аеродромот во обид да го попречат заминувањето на премиерот за Берлин во средата.

Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, објави дека го скратува планираното патување во Панама и одлучи да се врати во Израел во средата навечер со цел да го „води процесот на законодавство и дијалог“ околу планираните судски промени, се вели во соопштението од неговата канцеларија. (Ројтерс, АП)