Може ли ДУИ да биде она што не била


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Без оглед дали бил лицемерен или не, обидот за трансформација на ДУИ во зелена партија ќе ги примора партиите за локалните избори да ја стават политиката за обновливи извори на енергија, борбата против климатските промени и заштитата на животната средина во врвот на нивните приоритети

 

За една работа треба да ѝ се признае на ДУИ – дека во последниве две-три години наметнува агенди кои други политички партии се обидуваат или да ги негираат или премолчено да ги поддржуваат. Секако, тоа не се секогаш агенди кои донесуваат обединување на општественото ткиво, туку се најмногу во интерес на партиската стратегија. Ланските парламентарни избори поминаа во знакот на идејата за премиер Албанец, која, иако се знаеше дека е речиси неостварлива, пренасочи голем дел од енергијата во изборната кампања.

Сегашниов коперникански пресврт што го најави лидерот на партијата, Али Ахмети, со кој ДУИ од националните теми се префрла на граѓански, зелени прашања, е дел од тактиката за потрага по некакво реинвентирање. Со една единствена цел – силен успех на локалните избори. Ланската идеја за премиер Албанец ѝ донесе на партијата 15 пратеници, сега ДУИ сака со зелената агенда да доминира во албанските средини.

Многумина со право забележуваат дека ова може да биде лажна агенда – дека ДУИ не може да биде она што никогаш не била, и дека тоа е политичка измама. Други пак, исто со право, велат зошто една партија да не може да направи отклон од своите тесни национални стеги и да се отвори кон други структури.

Алијансата за Албанците смета дека зелената агенда на ДУИ е уште едно лицемерство; дека партијатa која го има за градоначалник првиот човек на Струга, Рамиз Мерко, не може да зборува за ваква политика; или дека партијата која ја има за градоначалничка во Тетово Теута Арифи нема морално право да зборува за зелена политика, кога тетовци уште немаат доволно вода за пиење и дишат енормно загаден воздух. И уште дека ДУИ со оваа политика се откажала од националните права, статусот на ОНА, правдата.

Вториот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дополнително ја оддалечи својата партија од ДУИ оценувајќи дека интегративците со обидот да ја трансформираат нивната партија во зелена ја враќале на корените, затоа што излегле од шумите за време на конфликтот во 2001 година. „ДУИ си се враќа на корените. Тие стартуваа во 2001 година токму како зелена партија од горите и планините на Македонија, така што очигледно се враќаат на корените“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Според друг истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, она што било обединувачки во зелената боја на СДСМ и ДУИ била зелената боја на еврата. И дека најавата на Ахмети била дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми со кои се соочувала државата.

Токму таа работа што ја споменува Јанушев – вистинските проблеми – може да биде пречката на која ќе се сопне неговата партија, а и другите кои се занимаваат со „национално плачење“. Така, Алијансата за Албанците треба да остане заглавена во националистички теми, додека ДУИ ита кон граѓанските. Тоа е инстинктивна реакција на политичките ривали кои наеднаш се најдоа со спуштен политички гард по сите фантастични „разузнавачки“ толкувања што можеше да значи таинствената најава на Ахмети. Дали поради намерните „вистински информации“ дадени од „доверливи“ извори дека Петре Шилегов нема да бил кандидат за градоначалник на Скопје (се споменуваше името на Имер Селмани); или дека како продолжение на конгресот на СДСМ Оливер Спасовски ќе го загубел местото министер за внатрешни работи – но сите оние што мислат дека се добро информирани целосно ја промашија темата. И сега поради тоа промашување треба да го осудат она за што тие не јавиле.

Треба да се биде прилично наивен за да се донесе заклучок дека ДУИ преку ноќ ќе се трансформира во зелена партија, која со себе не носи само заштита на човековата околина и обновлива енергија, туку затоа што зелените партии во Европа се во нивното јадро космополитски, граѓански, толерантни, пријателски настроени кон „поинаквите“ (со други зборови – ЛГБТ заедницата), кои на имигрантите не гледаат како напаст од туѓина и најмалку имаат интерес за лукративни зделки за коишто ја користат државата. Значи, ДУИ сега треба да стане она што речиси никогаш не била. Во перцепцијата на поголемиот дел од граѓанството ДУИ се претставува како имела на општественото стебло во сите овиде долги години во кои е во власта – и дека е невозможно да се случи вакво идеолошко и практично свртување.

Но дали на ДУИ треба да ѝ се оневозможи да пропагира нова политика и како што вели Зоран Заев: „Драго ми е што најголемата албанска партија ја заокружува етничката агенда и веќе денеска зборува за граѓаните“. Нејзините ривали имаат целосно право да ја поткопуваат оваа нова политика во најава и да ги бараат нејзините слаби точки, но прашање е дали некој некому може да му забрани да го менува своето политичко кредо.

Неколку работи се интересни во оваа нова партиска стратегија на ДУИ. Првата е што ваквата „спектакуларна“ најава ја донесе на десната страна од Вардар во Скопје и ги избегна симболите како споменикот на Скендербег, на пример. Втората е што оваа трансформација Али Ахмети ја смести во Градскиот парк, и уште повеќе во епицентарот на граѓанско Скопје – славната Школка. Таа досега ретко беше користена за политички промоции, туку повеќе за концерти, добротворни настани и дружби. Потем, на собирот ја немаше уфирцаната структура од врвот на партијата, туку многу млади луѓе и меѓу нив Али Ахмети лежерно облечен во бела кошула, кој прозборе и на македонски. Тоа покажува со колкаво внимание му се пришло во организирањето на овој настан, кој требаше да ја прикаже новата „нормалност“ на ДУИ.

Таа манифестациона симболика секако дека не е доволна. Требаат докази за таа намера. Меѓу првите, лондонскиот ученик, сегашниот министер за екологија, Насер Нуредини, да стане еден од мoторите во партијата кои ќе ја движат оваа нова агенда. Доколку тој и натаму остане на маргините при конципирањето на новата политика, а улогите и натаму останат поделени меѓу најблсикте соработници на Ахмети, тоа ќе биде сигурен знак дека биле променети само алиштата, но не и суштината на оние што ги носат.

Главната светска агенда во моментот е борбата против климатските промени. На самиот врв на Европската комисија е Новиот зелен договор. ДУИ мисли дека може да му се приклучи на овој тренд што не може да биде запрен и на кој се посветени сите влади. Можеби мисли да ѝ се приклучи на групацијата на европските Зелени и за себе да бара нови европски хоризонти, а не само како партија на етничките Албанци.

Непосредната придобивка на овој обид за трансформација на ДУИ е што партиите на локалните избори ќе мора да ја стават политиката за обновливи извори на енергија, борбата против климатските промени и заштитата на животната средина во врвот на нивните приоритети за да не останат поназад. И со тоа да ја зголемат и нивната, а и граѓанската свест за новото време. А тоа не е мала работа. Без оглед дали, најпосле, оваа најава на ДУИ ќе се покаже како лицемерна или вистинска.